ВИСТИНА ИЛИ БЛЕФИРАЊЕ – Иран вели дека почна да наплаќа патарини во Хормускиот теснец
Иран тврди дека средствата веќе се префрлени во Централната банка, без да открие колку изнесува приходот.

За првпат, Иран започна да остварува приходи од патарини за пловидба на бродови низ Хормускиот теснец, изјави заменик-претседателот на Парламентот, Хамидрез Хаџибабаеи, додавајќи дека средствата веќе се префрлени на сметката на Централната банка.
Иранските медиуми ја пренесоа неговата изјава без да објават детали за висината на приходите или начинот на наплата, пренесува агенцијата Фарс.
Оваа мерка доаѓа во период на зголемени тензии во регионот, вклучително и конфликти со САД и Израел.
Претходно, министерот за надворешни работи на Иран, Абас Аракчи, најави отворање на Хормускиот теснец за комерцијален сообраќај, додека Вашингтон предупреди дека ќе продолжи со поморски мерки против Иран сè додека не се постигне конечен договор.
Подоцна, Корпусот на Исламската револуционерна гарда соопшти дека теснецот останува затворен додека блокадата целосно не биде укината, повикувајќи ги бродските компании да ги почитуваат иранските упатства.
Иранските власти ги отфрлија изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, оценувајќи ги како недоверливи.
