(ВИДЕО) ПАДНА БОДЛИКАВАТА ЖИЦА, СЕ СПОИЈА СЕМЕЈСТВАТА Архивска снимка од историскиот ден во Стење
По децении разделеност, Македонци од Албанија и Македонија повторно се сретнаа во Стење на 7 април 1991 година.

Во април 1991 година, по децении на изолација и затворени граници, Македонците од Албанија и Република Македонија повторно се сретнаа. Тоа беа историски денови што го означија почетокот на повторното поврзување на семејствата и заедниците разделени со децении од комунистичкиот режим во Албанија.
Весникот „Македониум“ за првпат објавува драгоцена архивска снимка од историската погранична средба во Стење, Република Македонија, одржана на 7 април 1991 година, како и снимки од посетата на Македонците од Македонија на Мала Преспа неколку дена подоцна.
На 7 април 1991 година, Македонци од Албанија, претежно од Мала Преспа и селото Врбник во областа Девол, по претходното рушење на бодликавата жица која со децении ги разделувала од Македонија, по неколку неуспешни обиди конечно ја преминале границата.
Тие масовно се упатиле кон граничниот премин Стење–Горица, кој во тој период сè уште не бил официјално отворен, а потоа продолжиле кон атарот на селото Стење. Таму биле пречекани од Македонци од другата страна на границата. Средбата била исполнета со силни емоции, радост и неверување дека по толку децении повторно можат слободно да се сретнат.
Меѓу оние што ги пречекале имало и Македонци со потекло од Албанија, чии семејства по затворањето на комунистичка Албанија биле разделени речиси половина век. За многумина, тоа била првата средба со свои роднини по повеќе од 50 години.
Историските моменти во Стење биле само почеток. Само неколку дена подоцна, Македонци од Македонија масовно пристигнале во Мала Преспа, каде што биле пречекани од локалното македонско население. По децении разделеност, повторно биле воспоставени семејните, пријателските и националните врски меѓу Македонците од двете страни на границата.
Овие средби остануваат едно од значајните сведоштва за историската поврзаност на Македонците од Албанија и Македонија, но и за нивната силна желба, веднаш по падот на комунистичкиот режим, повторно да се поврзат со своите роднини, пријатели и со својот народ.
Камерата на Гоце Петровски ги овековечила овие неповторливи моменти, оставајќи драгоцено сведоштво за една историска пресвртница. По повеќе од три и пол децении, архивските кадри повторно оживуваат и потсетуваат на времето кога паднаа границите што со децении ги разделувале луѓето, но не успеале да ги избришат нивната припадност, сеќавањата и семејните врски.
„Македониум“ продолжува да објавува историски архивски материјали што сведочат за животот, истрајноста и историјата на Македонците во Албанија.

