ВЕЧЕРВА СЕ ОТВОРА 51. МОТ Жената и женското авторство во центарот на најновото издание на фестивалот

Со словенечката претстава „Кратки приказни“, вечерва во 20 часот во МКЦ свечено започнува 51. издание на Млад отворен театар.

ВЕЧЕРВА СЕ ОТВОРА 51. МОТ Жената и женското авторство во центарот на најновото издание на фестивалот
Фото: Принтскрин

Скопје од вечерва повторно станува регионален центар на современиот театар. Со претставата „Кратки приказни“ на Театар Антон Подбевшек од Словенија, на 18 ноември, во 20 часот, во салата „25 Мај“ на Младинскиот културен центар (МКЦ), свечено ќе биде отворено 51. издание на МОТ – Млад отворен театар.

Годинешното издание, кое ќе трае до 24 ноември, се одржува под мотото „Овојпат таа кажува“ и е посветено на жената и женското авторство. Фестивалската програма опфаќа претстави режирани од жени, како и продукции од Македонија, регионот и Европа.

Отворањето го носи претставата „Кратки приказни“, во режија и кореографија на Сања Нешковиќ Першин.

Станува збор за театарски експеримент кој ги спојува класичната глума, физичкиот театар, танцот, кореографијата и впечатливите визуелни композиции, создавајќи необично сценско доживување.

Претставата започнува како прошетка низ изложба, преку која се отвораат прашања за заробеноста и замките на современиот живот. Секоја сцена функционира како посебна визуелна и концептуална целина, но сите заедно ја градат приказната за протагонистот кој талка низ лавиринт.

Низ ова необично патување се отвораат темите за слободата, љубовта, отпорот, желбата, контролата, насилството и човечките чувства.

Инспирирана, меѓу другото, од приказната „Двајцата кралеви и двата лавиринта“ на Хорхе Луис Борхес, претставата ја истражува човечката потреба за контрола и ја поставува дилемата дали вистинската слобода е можна надвор од границите што му ги наметнува општеството. Во претставата настапуваат Матеја Железник, Лука Остреж, Филип Мрамор, Лука Бокшан и Андреј Томше.

Изведбата трае 60 минути, е на словенечки јазик и има превод на македонски.

По свеченото отворање, 51. МОТ продолжува со богата фестивалска програма, во која се најавени театарски продукции, меѓународни гостувања, танцови перформанси и музички содржини. Со годинешното мото „Овојпат таа кажува“, фестивалот го става женскиот авторски глас во фокусот и отвора простор за нови сценски перспективи, различни уметнички изрази и современи општествени теми.

CATEGORIES
Share This