GTA VI СТАНА МАМКА ЗА ИЗМАМНИЦИТЕ Лажни продавници, украдени картички и вируси демнат пред објавувањето на играта
Сајбер-криминалците го користат огромниот интерес за најочекуваната видеоигра за да крадат пари и лични податоци.

Високите очекувања околу објавувањето на видеоиграта „GTA VI“ станаа идеална можност за сајбер-криминалците, кои преку лажни интернет-продавници, измамнички понуди и злонамерни датотеки се обидуваат да украдат пари, податоци од платежни картички и пристап до кориснички сметки. Иако официјалното објавување на играта од компанијата „Rockstar Games“ е закажано за в четврток, огромниот интерес веќе го активираше црниот пазар на интернет. Измамниците нудат наводно ексклузивни верзии, бесплатни кодови и можност за играње пред официјалниот датум, објави „BFM Business“.
Во октомври, компанијата за кибербезбедност „Kaspersky“ објави извештај во кој предупреди дека за само 24 часа биле регистрирани 200 сомнителни интернет-домени поврзани со „GTA VI“. Околу 10 проценти од нив биле означени како особено ризични. Меѓу нив имало и лажни интернет-продавници кои имитираат официјални продажни платформи за конзолите „PlayStation“ и „Xbox“. Од корисниците се бараат податоци за најавување и информации за платежните картички, кои потоа можат да бидат злоупотребени за кражба на пари и преземање на нивните сметки.
Особено опасни се понудите за ран пристап до играта, уште пред нејзиното официјално објавување. Некои сомнителни интернет-страници им нудат на корисниците преземање датотека со име „GTA VI.exe“, која наместо видеоигра содржи злонамерен софтвер наменет за кражба на податоци.
Таквите програми можат да ја следат секоја внесена информација преку тастатурата и да собираат податоци складирани на компјутерот, вклучувајќи ги и лозинките и пристапот до крипто-паричници.
Измамниците користат и друга тактика – нудат бесплатни кодови за активирање на играта, но од корисниците бараат да платат во криптовалути за наводни трошоци за обработка. Дополнително, се појавиле понуди за украдени копии од играта, како и за наводна мобилна верзија на „GTA VI“.
Експертите предупредуваат дека компанијата не најавила верзија на играта за мобилните уреди со оперативните системи „Android“ и „iOS“, што е уште еден показател дека станува збор за измама.
Проблеми биле забележани и при купување преку официјални продажни канали. Некои купувачи на физички изданија откриле дека кодовите за активирање на играта веќе биле искористени, иако пакетите биле неотворени.
Според извештаите, причината е начинот на кој се поставени кодовите – тие биле отпечатени на капакот на кутијата, наместо на посебен лист хартија, што овозможува нивно копирање без отворање на пакувањето.
Колкав е потенцијалот на новата игра покажуваат и проценките на истражувачката компанија „Newzoo“. Според нивните претходни проекции, „GTA VI“ би можела да оствари продажба од 3,3 до 5,2 милијарди долари до крајот на првата недела по објавувањето.
Токму огромниот комерцијален потенцијал и невидениот интерес на публиката ја прават играта привлечна не само за гејмерите, туку и за сајбер-криминалците.

