ПОЛСКИТЕ МУЗИЧКИ ВИРТУОЗИ ЈА ВООДУШЕВИЈА СКОПСКАТА ПУБЛИКА Громогласни аплаузи за Патира и Курек
Виолинистот Мариуш Патира, добитник на престижната награда „Николо Паганини“, и пијанистот Радослав Курек приредија незаборавна музичка вечер во Македонската филхармонија.

Камерната сала на Македонската филхармонија синоќа беше исполнета со врвна музика и извонредни интерпретации. Полскиот виолинист Мариуш Патира и истакнатиот пијанист Радослав Курек приредија впечатлив концерт, кој публиката го награди со долги и громогласни аплаузи. Настанот се одржа во рамките на концертната дејност на Националната установа „Охридско лето“, надвор од редовната фестивалска сезона.
Присутните имаа можност да проследат внимателно одбран репертоар со дела од различни стилски периоди, преку кои двајцата музичари ги демонстрираа својата извонредна техника, музикалност и интерпретативна зрелост. Особен впечаток остави музичката комуникација меѓу Патира и Курек, чии изведби се надополнуваа во хармонична целина, создавајќи посебна концертна атмосфера.
Нивната сценска енергија и уметничка виртуозност беа поздравени со силни аплаузи од публиката.
Меѓународно признат уметник со настапи на најголемите светски концертни сцени. Мариуш Патира во 2001 година ја освои главната награда на престижниот Меѓународен виолински натпревар „Николо Паганини“, станувајќи првиот полски виолинист кому му припаднало ова признание.
Во текот на својата кариера настапувал на реномирани концертни сцени низ Европа, Јапонија, САД и Мексико. Неговиот концертен партнер Радослав Курек е истакнат пијанист и камерен музичар, добитник на повеќе меѓународни признанија, со богата концертна кариера што опфаќа настапи во Европа, Америка, Азија и Африка.
Со овој настап, „Охридско лето“ ја продолжува традицијата на организирање концерти надвор од редовните фестивалски денови, практика започната минатата година. Концертот беше реализиран со поддршка на Амбасадата на Република Полска во Скопје, а влезот за публиката беше бесплатен, како израз на благодарност за поддршката и довербата, но и придонес кон достапноста на квалитетните културни содржини.
Следниот концерт е закажан за 4 декември во Музејот на македонската борба за самостојност, каде што ќе настапат извонредната корејско-американска сопранистка Јуна Ли и пијанистот Кенет Клецјен.

