ВЕЧЕРВА ФИНАЛЕ ПРЕД ФИНАЛЕ – ПСЖ и Баерн во битка што ќе ја запали Европа

Кадровските проблеми и суспензиите дополнително ја комплицираат ситуацијата за двата тима.

ВЕЧЕРВА ФИНАЛЕ ПРЕД ФИНАЛЕ – ПСЖ и Баерн во битка што ќе ја запали Европа
Фото: Принтскрин

Пари Сен Жермен и Баерн Минхен вечерва, вторник (28.04) од 21 часот ќе го одиграат првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите, дуел кој многумина го сметаат за „финале пред финалето“, иако во другата полуфинална двојка се среќаваат Атлетико Мадрид и Арсенал.

Двата европски гиганти се борат за место во финалето во Будимпешта, а нивната меѓусебна пресметка од лигашката фаза оваа сезона, кога Баерн победи со 2:1 во Париз, дополнително ја зголемува неизвесноста и очекувањата пред двомечот.

Баерн има психолошка предност со пет последователни победи против ПСЖ во Лигата на шампионите, но францускиот шампион влегува во овој дуел во подобра форма од почетокот на сезоната и со статус на актуелен европски првак.

И двата тима играат сличен офанзивен фудбал, со висок интензитет, многу движење и агресивен пристап, што ветува отворен и динамичен натпревар. Со по 38 постигнати голови во ова издание на натпреварувањето, ПСЖ и Баерн се најефикасните екипи во Лигата на шампионите досега.

Двата клуба дојдоа до полуфиналето со импресивни елиминации и ПСЖ го исфрли Ливерпул, додека Баерн беше подобар од Реал Мадрид, што дополнително ја потврдува нивната сила оваа сезона.

Историјата на меѓусебните дуели е на страната на Баерн, кој има девет победи наспроти шест на ПСЖ, а интересно е што во 15 меѓусебни натпревари никогаш не било одиграно нерешено.

И покрај тоа, Парижаните се надеваат дека можат да го повторат сценариото од минатата сезона, кога по пораз во групната фаза од Арсенал, подоцна го елиминираа истиот противник во нокаут фазата.

Особено внимание ќе биде насочено кон индивидуалните дуели на теренот. Капитенот на ПСЖ, Маркињос, ќе го забележи својот 120. настап во Лигата на шампионите, израмнувајќи го рекордот на Роберто Карлос. Од другата страна, во центарот на вниманието е Хари Кејн, кој постигна гол на последните пет натпревари во натпреварувањето и веќе има 12 погодоци оваа сезона.

Формата на двата тима дополнително го засилува интересот. ПСЖ славеше убедливо против Анже со 3:0 и го држи врвот во Лига 1, додека Баерн направи спектакуларен пресврт против Мајнц, победувајќи со 4:3 по негатива од 0:3, и веќе ја обезбеди 35. титула во Бундеслигата.

Баерн ќе има и кадровски проблеми, Гнабри, Гереро и Ленарт Карл се надвор од тимот, а тренерот Венсан Компани е суспендиран и нема да биде на клупата. Кај ПСЖ, неизвесен е настапот на Витиња, што претставува голем знак прашалник за составот на Луис Енрике.

CATEGORIES
Share This