ДРАМА ВО ШПАНИЈА – Јамал под знак прашалник за стартот на СП
Рехабилитацијата ќе трае подолго од првично очекуваното.

Најголемата ѕвезда на шпанската репрезентација, Ламин Јамал, би можел да го пропушти стартот на Светското првенство поради повреда. Иако првичните информации беа оптимистички, од Каталонија пристигнуваат сè позагрижувачки вести дека неговото закрепнување ќе трае подолго од очекуваното.
Јамал се повреди за време на првенствениот натпревар против Селта. Инцидентот се случи веднаш по изведен пенал, кога фудбалерот се сруши на теренот и побара замена.
По деталните медицински прегледи беше утврдена повреда на бутниот мускул на левата нога, поточно бицепс феморисот. Според „Каталонски спорт“, во клубот ќе пристапат многу внимателно кон неговата рехабилитација.
Медицинскиот тим инсистира дека не смее да има брзање со враќањето на терен, дури и ако тоа значи пропуштање на почетните натпревари на Шпанија на Светското првенство.
Најголемата грижа е ризикот од повторно влошување на повредата доколку се врати прерано, што би можело да има сериозни последици за неговата кариера, имајќи предвид дека станува збор за еден од најталентираните млади играчи во светот.
Рехабилитацијата од ваков тип на истегнување обично трае меѓу четири и шест недели. Во тој случај, Јамал би можел да биде подготвен за третиот натпревар од групната фаза против Уругвај, закажан за 27 јуни.
Тоа би значело дека ќе ги пропушти дуелите против Зелено’ртските Острови и Саудиска Арабија, што би претставувало значителен удар за шпанските амбиции на почетокот од турнирот.
