ЉУТКОВ ВО ПРЕСПА – Големи планови што можат да го сменат целиот регион

Министерот направи увид во капитални проекти во Љубојно, Курбиново и Ресен.

ЉУТКОВ ВО ПРЕСПА – Големи планови што можат да го сменат целиот регион
Фото: Принтскрин

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска беше во работна посета на Преспанскиот Регион, каде што направи увид во неколку значајни капитални проекти од областа на културното наследство.

Посетата започна во селото Љубојно, каде е во напредна фаза реконструкцијата и адаптацијата на старото училиште во мултимедијален центар за промоција на македонскиот јазик. Проектот е вреден 20 милиони денари и е финансиран од Министерството.

Љутков истакна дека вложувањата во културното наследство се конкретни и видливи, нагласувајќи дека Љубојно ќе добие современ центар кој ќе придонесе за афирмација на македонскиот јазик и развој на целиот регион.

Потоа министерот ја посети црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, едно од најзначајните културни добра во државата. Во изминатата деценија таму се инвестирани околу 30 милиони денари за заштита, реставрација и конзервација.

Тој нагласи дека Курбиново претставува живо сведоштво за богатата историја и уметност, и дека континуираните инвестиции имаат цел да го зачуваат и приближат до јавноста. Според него, приоритет останува решавањето на предизвиците околу заштитната натстрешница за дополнителна заштита на фрескоживописот.

Работната посета продолжи во Ресен, каде што беше извршен увид во реконструкцијата на покривот на Сарајот на Нијази-бег, проект поддржан од европски фондови, како и во Спомен-куќата на Татарчеви.

Од Министерството порачаа дека овие активности ја потврдуваат посветеноста за заштита и современа презентација на културното наследство, со цел развој на туризмот и локалната економија.

CATEGORIES
Share This