ЉУТКОВ СО СИЛНА ПОРАКА ОД САЕМОТ НА КНИГАТА – Народ што чита не може да биде манипулиран

Министерот Зоран Љутков порача дека книгата останува најмоќниот инструмент за промена на општеството.

ЉУТКОВ СО СИЛНА ПОРАКА ОД САЕМОТ НА КНИГАТА – Народ што чита не може да биде манипулиран
Фото: Принтскрин

Книгата е „најтивката револуција“ што човештвото ја познава, порача министерот за култура и туризам Зоран Љутков на отворањето на Саемот на книгата 2026 во Скопје.

На свеченото отворање, пред бројни издавачи, автори, гости од земјата и странство, како и љубители на пишаниот збор, Љутков истакна дека Саемот претставува простор на мислата, имагинацијата и слободата, нагласувајќи ја книгата како клучен двигател на општествениот развој.

„Кој чита, живее илјада животи пред да умре. Народ што чита не може лесно да се манипулира, народ што размислува не може лесно да се подели, а народ што создава не може лесно да исчезне“, порача министерот.

Тој посочи дека во ерата на брзи и површни информации, читањето е чин на отпор и свесен избор за длабоко размислување, при што книгата останува простор на тишина, концентрација и критичко мислење. Посебен акцент беше ставен на улогата на читателот како суштински дел од животот на книгата, без кого таа останува само потенцијал.

Оваа година Саемот обединува над 60 издавачки куќи и повеќе од 130 нови наслови, со учество на излагачи од повеќе европски и светски земји, со што Скопје уште еднаш се позиционира како важна културна средишна точка.

„Отворете го прозорецот – не само кон нови светови, туку и кон нови идеи, прашања и перспективи“, беше пораката со која беше заокружено обраќањето.

Саемот на книгата 2026 ќе трае седум дена и нуди богата програма за посетители од сите генерации.

CATEGORIES
Share This