40 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ИГРА – Владата најави големи промени за работниците
Владата најавува засилување на социјалниот дијалог и носење клучни економски мерки што директно ги засегаат граѓаните.

Економско-социјалниот совет се издигнува на повисоко, стратешко ниво, по примерот на европските практики каде социјалниот дијалог претставува клучен сегмент во креирањето на јавните политики, изјави денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
На денешната седница на Економско-социјалниот совет беа отворени повеќе значајни прашања кои директно ги засегаат работниците, работодавачите и граѓаните, при што фокусот бил ставен на конкретни мерки и законски решенија.
Министерот истакна дека бил разгледан Годишниот извештај за работата на Советот за 2025 година, со посебен акцент на постигнатите резултати и потребата од понатамошно унапредување на социјалниот дијалог.
Дискусија имало и за Предлог-законот за младински додаток, кој, како што посочи, претставува важна мерка за поддршка на младите, нивно задржување во државата и поттикнување на економската активност. Разгледани биле и измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, особено во делот на бенефицираниот стаж, со цел воспоставување поправеден и поодржлив систем за работниците во ризични професии.
Посебно внимание, според Дурмиши, било посветено на Оперативниот план за вработување за 2026 година, со кој се предвидуваат околу 40 милиони евра за самовработување, отворање нови работни места и обуки, што треба да придонесе за намалување на невработеноста. Тој најави дека планот ќе биде објавен до крајот на месецов или на почетокот на следниот.
На седницата биле разгледани и Предлог-законот за заштита од пушење, како и Извештајот за работењето на Агенцијата за вработување.
