УШТЕ ОСУМ ДЕНА ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ Министерството за култура ги повикува уметниците и културните организации да аплицираат за проекти во 2027 година

Рокот за аплицирање на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата истекува на 30 октомври во 15:30 часот.

УШТЕ ОСУМ ДЕНА ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ Министерството за култура ги повикува уметниците и културните организации да аплицираат за проекти во 2027 година
Фото: Принтскрин

Министерството за култура и туризам ги потсетува уметниците, културните работници, здруженијата и другите заинтересирани субјекти дека сè уште е отворена можноста за аплицирање на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2027 година.

Крајниот рок за доставување на пријавите е 30 октомври 2026 година, до 15:30 часот, поради што Министерството ги повикува сите заинтересирани навреме да ја завршат постапката.

Пријавувањето се спроведува преку Националниот портал за електронски услуги, каде што се достапни посебни постапки за физички и за правни лица. Заинтересираните треба да ја изберат соодветната категорија и да ги поднесат своите проектни пријави во согласност со условите предвидени во конкурсите.

Информациите за електронското аплицирање се достапни на Националниот портал за е-услуги: https://uslugi.gov.mk/.

Од Министерството информираат дека и годинава заинтересираните ќе можат да побараат стручна поддршка во надлежните сектори, особено во делот на подготовката и поднесувањето на пријавите.

„Ги повикуваме сите заинтересирани да аплицираат во предвидениот рок, а помош во делот за пријавите, од стручен аспект, корисниците и оваа година ќе може да ја побараат во секторите во Министерството за култура и туризам“, соопштија од Министерството.

Годишните конкурси претставуваат механизам за финансиска поддршка на проекти од национален интерес во различни области на културата. Од Министерството уште еднаш потсетуваат дека пријавувањето завршува на 30 октомври во 15:30 часот.

CATEGORIES
Share This