МАКЕДОНСКАТА УМЕТНОСТ ГО ОСВОИ ЗАГРЕБ Изложба на Ивана Настеска и концерт на „Дуо Скупи“ наградени со силни аплаузи

Македонскиот културно-информативен центар во Загреб приреди впечатлива уметничка вечер во која се споија сликарството и музиката.

МАКЕДОНСКАТА УМЕТНОСТ ГО ОСВОИ ЗАГРЕБ Изложба на Ивана Настеска и концерт на „Дуо Скупи“ наградени со силни аплаузи
Фото: Принтскрин

Македонската уметност повторно се најде во центарот на културните случувања во Загреб. Со отворањето на изложбата „Сцени од ателјето“ на ликовната уметница Ивана Настеска и концертот на „Дуо Скупи“, македонскиот Културно-информативен центар во хрватската престолнина приреди вечер во која боите и музичките звуци создадоа единствено уметничко доживување.

Настанот привлече бројни љубители на уметноста, кои имаа можност да се запознаат со современиот македонски ликовен израз и со камерната музика во изведба на истакнати музички уметници.

На свеченото отворање се обратија македонскиот амбасадор во Хрватска, Драган Ѓурчевски, директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, авторката Ивана Настеска, како и членовите на „Дуо Скупи“, Јета Старова Мехмети и Ермаљ Мехмети.

Во своето обраќање, амбасадорот Ѓурчевски ја нагласи важноста на културната дипломатија како значаен инструмент за зацврстување на пријателските односи и продлабочување на соработката меѓу Македонија и Хрватска.

Тој посочи дека културата има особена улога во поврзувањето на народите, меѓусебното разбирање и меѓународната афирмација на националните културни вредности.

Директорката на КИЦ, Мими Ѓоргоска Илиевска, претставувајќи ги уметниците и нивното творештво, се осврна на специфичниот ликовен јазик на Ивана Настеска и на нејзината способност преку акварелот да ги претвори навидум обичните моменти во впечатливи уметнички приказни.

„Преку специфичната чувствителност на акварелот, неговата непредвидливост и слободата што ја нуди, Ивана Настеска успева да го претвори секојдневното во уметничко доживување и да нè потсети дека убавината често се крие во деталите што ги забележуваме само кога ќе застанеме и навистина ќе погледнеме“, истакна Ѓоргоска Илиевска.

Изложбата на Ивана Настеска го претставува ателјето не само како физички простор за создавање, туку и како интимен свет на набљудување, размислување и уметничко истражување. Преку суптилноста на акварелната техника, авторката ги истражува односите меѓу светлината, бојата и секојдневните детали, претворајќи ги во ликовни композиции со посебна атмосфера.

„Ателјето не е само простор во кој се создава уметност, туку и место на тишина, набљудување и разговор со бојата. Токму во таа внимателна средба меѓу уметникот и светот околу него се раѓаат сцените што ги претставувам“, истакна Настеска на отворањето.

По ликовниот дел, вечерта продолжи со концертот на „Дуо Скупи“, составено од Јета Старова Мехмети и Ермаљ Мехмети, кои преку звуците на флејтата и виолината приредија музичко патување низ различни епохи, стилови и традиции. Нивниот настап ги поврза класичната музичка традиција, современото творештво и богатото музичко наследство на Македонија и Балканот.

Внимателно избраниот репертоар, виртуозноста, стилската зрелост и усогласеноста на двајцата музичари ја потврдија препознатливоста на нивниот камерно-музички израз, изграден низ долгогодишна заедничка работа. Публиката го награди концертот со долготрајни аплаузи, а музичарите беа повикани на бис, со што вечерта доби особено свечена завршница.

Изложбата и концертот се реализираа во рамките на годишната програма на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.

Со овој настан, Центарот продолжува да создава можности за претставување на македонските уметници пред меѓународната публика, поттикнувајќи културна размена и зајакнување на врските меѓу Македонија и Хрватска.

CATEGORIES
Share This