УШТЕ ЕДЕН ФУДБАЛЕР СЕ СЕЛИ ВО САУДИСКА АРАБИЈА – Мартинез ја напушти Барселона за Ал Наср

Дефанзивецот на Барселона, Иниго Мартинез, ќе ја продолжи својата кариера во Саудиска Арабија, каде постигнал договор со Ал Наср. Повремениот репрезентативец на Шпанија ја активирал специјалната клаузула во договорот која му овозможува да замине без обештетување, па каталонскиот клуб нема да заработи ниту еден евро од трансферот, објави новинарот Фабрицио Романо.
Иако Барселона не инкасира средства, заминувањето на Мартинез ќе ѝ овозможи да заштеди на неговата плата и да добие дополнителен простор за маневрирање при регистрација на нови фудбалери.
Клубот нема намера да бара замена на трансфер пазарот, што неодамна го потврди и спортскиот директор Деко. „Имаме пет централни дефанзивци, еден мораше да си замине“, изјави тој за „Мундо Депортиво“.
По заминувањето на Мартинез, Барселона останува со четири централни дефанзивци – Пау Кубарси, Роналдо Араухо, Андреас Кристенсен и Ерик Гарсија – додека Жил Кунде главно се користи како десен бек. Во предсезоната, тренерот Ханси Флик веќе го тестираше младиот Жерар Мартин на позицијата лев стопер.


