УНЕСКО ПРЕСЕЧЕ Уше една шанса за Охрид, засега не оди на листата на светско наследство во опасност
Одлуката е донесена на 48. сесија на Комитетот во Бусан, но Македонија добива и нова обврска – да ги засили мерките за заштита на Охридскиот регион.

Охридскиот регион останува на листата на светско наследство на УНЕСКО, откако Комитетот за светско наследство одлучи да не го стави на Листата на светско наследство во опасност. Одлуката е донесена денеска на 48. сесија на Комитетот, која се одржува во Бусан, Јужна Кореја.
Македонската делегација на сесијата беше предводена од амбасадорот при УНЕСКО, проф. д-р Игор Николов, кој ја истакна посветеноста на државата за исполнување на препораките на Комитетот и за долгорочна заштита на природното и културното наследство на Охридскиот регион.
Од Владата велат дека одлуката претставува признание за преземените активности и потврда на определбата на Македонија, во соработка со Албанија, да продолжи со спроведување на препораките на Комитетот за светско наследство, Центарот за светско наследство и советодавните тела.
Сепак, од Владата нагласуваат дека одлуката не значи оти сите предизвици се надминати. Напротив, таа, како што велат, претставува обврска за дополнително интензивирање на мерките за зачувување на исклучителната универзална вредност на Охридскиот регион.
Во периодот што следи, Македонија ќе продолжи со спроведувањето на Планот за управување и Стратегискиот план за рехабилитација, зајакнувањето на институционалната координација и воспоставувањето тело за управување со регионот. Предвидена е и продолжена соработка со Албанија во заштитата и управувањето со ова прекугранично светско наследство.
Меѓу приоритетите се и подготовката на прекугранична Стратегиска оцена на влијанијата врз животната средина, зајакнувањето на инспекцискиот надзор, справувањето со бесправните градби и мерките за заштита и обновување на Студенчишкото Блато.
Амбасадорот Николов им се заблагодари на земјите членки на Комитетот за конструктивниот пристап и довербата, како и на Центарот за светско наследство, советодавните тела и партнерите кои придонесуваат за зачувување на Охридскиот регион.
Од Владата оценуваат дека фактот што не е усвоена предложената одлука за впишување на Охридскиот регион на листата на светско наследство во опасност претставува значаен успех за Македонија.
„Охридскиот регион е непроценливо природно и културно богатство со исклучителна универзална вредност. Неговото зачувување е наша национална одговорност, но и заедничка обврска кон светското наследство и идните генерации“, велат од Владата.
Според нив, вакви случаи на неприфаќање на веќе предложена одлука за впишување на одредено подрачје на листата на светско наследство во опасност се ретки, а како примери ги посочуваат Венеција и Големиот корален гребен во Австралија.
Од Владата додаваат дека одлуката претставува и силна обврска за Македонија да продолжи со исполнување на преземените обврски и да обезбеди долгорочна и одржлива заштита на Охридскиот регион, во согласност со Конвенцијата на УНЕСКО за светско наследство.
УНЕСКО ПОВТОРНО ГО КРЕНА АЛАРМОТ Охрид пред опасност да падне на ‘црната листа’“


