УЛТИМАТУМ ДО ВЛАДАТА За 10 дена субвенции или масовен протест во Скопје
Пелагониските земјоделци бараат итна исплата на заостанатите субвенции, повисока цена за млекото и гарантиран откуп на пченицата, во спротивно најавуваат масовен протест и блокади.

Пелагониските земјоделци и сточари денеска протестираа пред Подрачната канцеларија на Министерството за земјоделство во Битола, предупредувајќи дека доколку во наредните десет дена не бидат исплатени заостанатите субвенции и не се утврдат откупните цени на млекото и пченицата, ќе организираат масовен протест во Скопје. Доколку и тогаш нема решение, најавуваат и блокади на патиштата.
Според претседателот на здружението „Пелагониско Поле“, Тони Петковски, сточарите се соочуваат со сериозни финансиски проблеми поради доцнењето на субвенциите и падот на откупната цена на млекото.
„Субвенциите за сточарството за 2025 година не се исплатени веќе шест месеци, а истовремено доцнат и исплатите за 2026 година. Откупната цена на млекото падна од 32 на 24 до 26 денари за литар, додека трошоците за производство постојано растат. Кравите ги храниме 365 дена, а субвенциите ги добиваме по 18 или 24 месеци“, изјави Петковски.
Сточарите бараат млекото да биде прогласено за стратешки производ, а Владата да утврдува минимална заштитна цена, наместо тоа да го прават млекарниците.
Незадоволство изразија и овчарите, кои стравуваат дека повторно ќе останат без субвенции поради условите што ги предвидува програмата за финансиска поддршка.
„Сточниот фонд е намален и не можеме да ги исполниме критериумите, 30 проценти од јагнињата да се предадат во кланица или да произведеме 500 литри млеко годишно. Овие услови не се реални за многу производители“, рече овчарот Горан Ризовски.
Во пресрет на жетвата, незадоволни се и производителите на пченица. Велат дека сè уште нема утврдена откупна цена, ниту сигурен пласман на новата реколта.
„Нема цена, нема откупувачи. Кај трговците сè уште стои пченица од ланската реколта, а во меѓувреме се увезува брашно од Србија во големи количини. Бараме интервентна поддршка од пет денари по килограм, бидејќи пченицата е стратешки производ“, изјави Миле Кебакоски од здружението „Фармери Југозапад“.
Дополнителен проблем, според земјоделците, претставува и тоа што државата сè уште не им ги исплатила средствата на дел од складишните капацитети за чување на минатогодишната реколта. Поради тоа, дел од производителите не можат да ја подигнат сопствената пченица без дополнителни трошоци.
„Има земјоделци со стотици тони жито во магацини, а сопствениците им бараат да платат за складирањето затоа што државата не им ги исплатила средствата. Тоа е недозволиво“, рече Кебакоски.
Сточарката Васе Звездаковска од селото Галичани, која одгледува 20 крави, вели дека веќе 16 месеци не добила премија за произведено млеко, ниту субвенции по грло.
„Нашето квалитетно млеко стои непродадено, а во државата се увезува млеко во прав. Граѓаните треба да знаат што купуваат од маркетите“, порача Звездаковска.


