ГОЛЕМ ПРЕСВРТ Македонија доби нов закон што целосно ја менува енергетиката

За првпат обновливите извори на енергија добиваат посебен закон – Владата најавува поголема енергетска сигурност, нови инвестиции и целосно усогласување со европските правила.

ГОЛЕМ ПРЕСВРТ Македонија доби нов закон што целосно ја менува енергетиката
Фото: Принтскрин

Собранието го усвои новиот Закон за користење на енергијата од обновливи извори, со кој за првпат оваа област во Македонија се регулира со посебен закон. Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини оценуваат дека станува збор за една од најзначајните реформи во енергетскиот сектор во последните децении.

Со новото законско решение се воспоставува современа, европски усогласена и предвидлива правна рамка која треба да го забрза развојот на обновливите извори на енергија, да привлече нови инвестиции и да ја поттикне енергетската транзиција на државата.

Според Министерството, законот ќе придонесе за долгорочно намалување на зависноста од увоз на енергија и енергенси, зголемување на уделот на обновливите извори во финалната потрошувачка на енергија, поголема сигурност во снабдувањето на граѓаните и компаниите, како и диверзификација на производството на електрична енергија.

Дополнително, се очекува намалување на употребата на фосилните горива и емисиите на стакленички гасови, поголема искористеност на обновливите извори и посилна заштита на животната средина во насока на ублажување на климатските промени.

Од Министерството истакнуваат дека новата законска рамка обезбедува поголема правна сигурност за инвеститорите, отвора нови можности за граѓаните и стопанството, ги поедноставува институционалните процедури и ја усогласува земјата со европските политики во областа на обновливата енергија.

„Со законот во националното законодавство се транспонираат најновите европски правила, вклучително и Директивата за промоција на користењето на енергија од обновливи извори, чија хармонизација претставува дел од Реформската агенда. Во рамките на енергетската транзиција се предвидуваат мерки за диверзификација на економскиот модел, поттикнување инвестиции, развој на зелена и паметна инфраструктура, чиста енергија и нови вештини, како и постепено намалување на зависноста од фосилните горива“, соопшти Министерството за енергетика.

Со усвојувањето на законот, институциите очекуваат да се постават темелите за помодерен, поконкурентен и поодржлив енергетски систем, кој ќе обезбеди поголема енергетска сигурност за граѓаните, стопанството и идните генерации.

CATEGORIES
TAGS
Share This