КУПУВАТЕ ОД TEMU, SHEIN ИЛИ ALIEXPRESS Од 1 јули следуваат нови давачки
Новата мерка ќе ги опфати пратките до 150 евра, а најмногу ќе ги почувствуваат онлајн купувачите од странски продавници.

Од 1 јули Европската Унија воведува нови царински правила за пратките со ниска вредност што пристигнуваат од земји надвор од Унијата. Станува збор за стоки во вредност до 150 евра, кои најчесто се нарачуваат преку онлајн продавници и опфаќаат облека, играчки, електроника и други производи за секојдневна употреба.
Со новите правила ќе се наплаќа царинска давачка од најмалку три евра, со цел да се спречат злоупотребите и да се обезбедат еднакви услови за европските и странските трговци. Во ЕУ секојдневно пристигнуваат милиони вакви пратки, а според европските институции, дел од нив содржат производи што не ги исполнуваат безбедносните стандарди или се пријавуваат со неточна вредност и содржина за да се избегнат царински обврски.
Мерката беше договорена од земјите-членки уште во декември минатата година, како дел од реформите на царинскиот систем. Давачката нема да се пресметува по пакет, туку според бројот на различни видови производи што се наоѓаат во него.
На пример, ако во една пратка има пет исти маици, ќе се плати царинска давачка од три евра. Но, доколку пакетот содржи три маици и еден часовник, давачката ќе изнесува шест евра, бидејќи станува збор за две различни царински категории. Обврската за пријавување и плаќање на давачките ќе ја има продавачот или увозникот.
Од Европската Унија очекуваат новите правила да придонесат за пофер конкуренција на единствениот пазар, подобра заштита на потрошувачите од небезбедни производи и поефикасна борба против царинските измами. Дополнително, се очекува мерката да помогне и во намалување на масовните испораки, што би имало позитивен ефект и врз животната средина.
ЕУ ВОВЕДУВА ЦАРИНА ЗА ПАКЕТИ ПОМАЛИ ОД 150 ЕВРА Одкуката најмногу ќе ги погоди „Шеин“ и „Тему“


