УКИМ ОТВОРА УПИС Над 8.800 слободни места за идните бруцоши

Првиот уписен рок е на 18 и 19 август – еве колку места има на најбараните факултети и колку ќе чини студирањето.

УКИМ ОТВОРА УПИС Над 8.800 слободни места за идните бруцоши
Фото: Принтскирн

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје ги отвора вратите за новата генерација студенти. Првиот рок за пријавување кандидати за студии во академската 2026/2027 година е на 18 и 19 август, а на 23-те факултети на УКИМ има вкупно 8.851 слободно место. Од нив, 4.395 места се наменети за редовни студенти во државна квота, 3.621 место за редовни студенти кои кофинансираат, додека 835 места се за вонредни студенти.

Најголем број кандидати ќе можат да конкурираат на медицинските, техничките и општествените науки. Медицинскиот факултет има 950 места, Филолошкиот 805, ФИНКИ 800, Економскиот 655, Филозофскиот 635, Природно-математичкиот 626, ФЕИТ и Машинскиот факултет по 600, додека на Правниот факултет има 555 места.

Студентите во државната квота ќе плаќаат надомест од 200 евра во денарска противвредност, додека за студентите во квотата за кофинансирање и за вонредните студенти школарината изнесува 400 евра.

Конечната ранг-листа од првиот уписен рок ќе биде објавена на 27 август, а запишувањето на примените кандидати ќе се врши на 3 и 4 септември. Вториот рок е предвиден за 10 и 11 септември, а третиот рок ќе се одржи на 23 септември, на факултетите каде што ќе останат слободни места.

Пред пријавувањето, кандидатите треба да се регистрираат на www.upisi.ukim.mk и да ја пополнат електронската пријава преку iKnow-системот. Бројот што автоматски ќе го добијат при електронското пријавување треба да биде внесен и во пријавата што се поднесува на избраниот факултет. Конкурсот ги содржи и условите за упис, потребната документација, критериумите за селекција и начинот на пресметување на бодовите од општиот успех и од државната, стручната или уметничката матура.

Објавена е и листата на екстерни и интерни предмети од државната матура кои се соодветни за пријавување на различните студиски програми на УКИМ.

CATEGORIES
Share This