ПАСОШИТЕ ПОВТОРНО БЕЗ ДОЛГО ЧЕКАЊЕ – МВР открива колку се чека за нова патна исправа
Во јули поднесени околу 55.000 барања за лични документи, а термин за редовна постапка се добива за само еден до два дена.
И покрај зголемениот број барања во летниот период, особено поради престојот на голем број иселеници во земјава, издавањето патни исправи и други лични документи се одвива непречено, без подолги застои, информираат од Министерството за внатрешни работи за МИА. Во текот на јули биле примени околу 55.000 барања за издавање лични документи, меѓу кои и пасоши. Од МВР велат дека термин за поднесување барање во редовна постапка граѓаните добиваат за еден до два дена, додека документите се изработуваат и се добиваат во рок од најмногу седум дена.
Од Министерството нагласуваат дека ова е првпат во јули и август, кога традиционално има најголем наплив на граѓани од дијаспората, постапката да се одвива со ваква динамика. Според МВР, пократките рокови се резултат на преземени организациски мерки и оптимизација на работните процеси, со што се овозможило навремено постапување и покрај зголемениот број барања.
Министерството наведува дека располага со доволно капацитети за да одговори на зголемениот интерес во летниот период и апелира граѓаните навреме да ја проверат важноста на своите документи.
МВР им препорачува на иселениците кои престојуваат во Македонија за време на годишните одмори, доколку имаат потреба од нов пасош, барањето да го поднесат веднаш по пристигнувањето во земјата. Во случаи на итни и оправдани причини поврзани со патување во странство, Министерството постапува согласно законските можности за итно издавање патни исправи.
Од 18 февруари 2025 година, отсеците за управни работи при Одделот за граѓански работи на МВР работат со продолжено работно време. Во Скопје и Тетово, од понеделник до петок, службите работат во две смени од 07:30 до 19:30 часот. Во Битола, Велес, Куманово, Охрид, Струмица и Штип работното време е од 08:00 до 18:00 часот, како и во повеќе подрачни единици. Во останатите подрачни единици работното време е од 08:00 до 16:00 часот.
Во Скопје, во зградата на МРТВ, беше реконструиран дел од Одделението за управни работи, со цел граѓаните побрзо и поефикасно да ги добиваат услугите. При пуштањето во употреба, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека целта е да нема повеќе долги редици, хаос и неред, туку граѓаните услугите да ги добиваат побрзо и во достоинствени услови.
Реконструирани се кабините за фотографирање и шалтерската сала, каде што се реализираат постапки за пасоши, лични карти, возачки дозволи, уверенија за државјанство и други услуги.

