ТРГНУВАТЕ НА ПАТ Проверете кои делници се под времен режим на сообраќај
Сообраќајот се одвива по суви коловози, но на повеќе делници има градежни работи, а АМСМ предупредува на можна појава на одрони.

Сообраќајот на државните патишта во Македонија се одвива непречено по претежно суви коловози, информира АМСМ. Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е зголемен, додека на граничните премини од македонска страна во моментов нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ апелираат возачите да ја прилагодат брзината на движење на условите на патот, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и внимателно да управуваат со возилата, особено на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде постои можност од појава на одрони.
Потсетуваат дека од 15 април патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е повторно отворен за сите видови возила со маса до 3,5 тони.
Во сила е и летниот режим на сообраќај за тешките товарни возила над 15 тони, кој важи од 1 јули до 31 август. Забраната за движење е во одредени термини за време на викендите, како и во денови со екстремно високи температури, освен за возила што превезуваат животни, леснорасиплива стока, хуманитарна помош, нафта, опасни материи и други категории предвидени со прописите.
Дополнително, до 1 септември на магистралниот пат А2 Скопје – Охрид е во сила посебен режим на сообраќај, со ограничување за товарни возила над 7,5 тони во одредени термини за време на викендите, со цел да се овозможи побрз проток на возила кон Охрид и да се намалат сообраќајните застои.
Во меѓувреме, на повеќе патни правци низ државата продолжуваат градежните работи на делниците Гостивар – Стража, Желино, Смоквица – Гевгелија, Скопската обиколница, Косоврасти – Мелнички Мост, како и на патниот правец Прилеп – Битола, каде сообраќајот е пренасочен поради изградбата на Коридорот 10Д.
АМСМ ги повикува сите учесници во сообраќајот да возат внимателно, да ги почитуваат ограничувањата и поставената сигнализација на местата каде што се изведуваат градежни работи.


