ТРЕВОГА ВО КИЕВ Русија удри со балистички ракети, итните служби веднаш излегоа на терен

Нападот предизвика сериозна загриженост во украинската престолнина, а надлежните служби работат на отстранување на последиците.

ТРЕВОГА ВО КИЕВ Русија удри со балистички ракети, итните служби веднаш излегоа на терен
Фото: Принтскрин

Руската војска извршила напад со балистички ракети врз Киевскиот регион, по што на терен биле ангажирани сите надлежни итни служби за санирање на последиците.

Вршителот на должноста шеф на регионалната воена администрација на Киев, Руслан Олијник, преку Фејсбук соопшти дека во тек се активности на терен.

„Активностите продолжуваат за отстранување на последиците од непријателскиот балистички ракетен напад врз регионот Киев. Сите служби за итни случаи се распоредени на местото на настанот“, наведе Олијник, пренесува „Укринформ“.

Во овој момент нема официјални информации за целосниот обем на материјалната штета, ниту за евентуалниот број на повредени.

Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека руските вооружени сили извршиле напад врз објект во близина на Киев, каде што, според Москва, во тој момент се одржувала презентација на беспилотни летала. Од руското Министерство тврдат дека на настанот биле претставени напредни украински и странски беспилотни системи, за кои Москва наведува дека се користат во напади врз цивилни цели на руска територија.

Според руската страна, на локацијата во моментот на нападот имало производители на беспилотни летала, претставници на командата на украинските беспилотни сили, како и припадници на украинските специјални служби.

„Руските вооружени сили извршија групен напад со високопрецизно оружје со долг дострел врз објект во близина на Киев каде што се одржувала демонстрација на беспилотни летала“, се наведува во соопштението.

Претходно, портпаролот на украинските вооружени сили Јуриј Игнат изјави дека биле извршени два напади врз полигон за обука во Киевската област, каде што се одржувала изложба на беспилотни летала. Според украинското обвинителство, во нападот загинале 10 лица, додека околу 100 биле повредени.

Локалните медиуми известија и за серија силни експлозии во Киевскиот регион. Набргу потоа се појавија информации дека меѓу погодените објекти била и изложбата организирана од Здружението на производители на беспилотни системи „Армада“.

Според претходните најави, на настанот требало да бидат претставени различни видови беспилотни летала, системи за детекција, радари и опрема за електронско војување.

CATEGORIES
Share This