ТРАМП ВО ПОСЛЕДЕН МОМЕНТ СМЕНИЛ АВИОН Тајната служба стравувала од можен ирански напад
На пистата во Анкара американскиот претседател тајно бил префрлен во друг авион, а Трамп сега открива: „Претпоставувам дека имало закана““

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска откри дека минатиот месец, непосредно пред полетувањето од Турција, бил префрлен во друг авион по инструкции на американската Тајна служба. Во интервју за Си-Би-Ес њуз, Трамп изјави дека одлуката не била негова, туку дека едноставно ги следел упатствата на Тајната служба и американската војска.
„Тоа зависи само од Тајната служба. Јас само правам она што тие сакаат да се направи и ги следам нивните упатства и упатствата на војската“, рече Трамп.
На 8 јули, на пистата на аеродромот во Анкара, претседателот на САД наводно бил тајно префрлен од претседателскиот авион во воен авион. Според извештаите, промената била изведена со помош на камион за кетеринг, откако американските разузнавачки служби добиле информации за можен заговор поврзан со Иран и неговите посредници.
Според тие информации, наводно се разгледувала можноста за ракетен напад врз авионот со кој Трамп требало да ја напушти Турција. Запрашан што точно ја предизвикало одлуката за промена на авионот, Трамп рече дека не бил детално информиран.
„Претпоставувам дека имало закана. Навистина не прашав премногу за тоа. Добивам многу закани“, изјави американскиот претседател.
Трамп додаде дека авионот во кој бил префрлен обезбедувал исто ниво на безбедност, но дека Тајната служба инсистирала тој да го користи токму тој лет.

