ТРАМП ТВРДИ ЕДНО, ИРАН НЕГИРА ДРУГО – Но кој ја кажува вистината за тајните преговори
Контрадикторни изјави од Техеран и Вашингтон создаваат дипломатска неизвесност.

Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Аракчи, се сретна во Исламабад со командантот на пакистанската армија, фелдмаршал Асим Мунир, во рамки на посетата посветена на консултации за регионалната безбедност и дипломатските напори за медијација, објави агенцијата Тасним.
Аракчи пристигна во Пакистан каде што одржа средби со високи пакистански функционери. Тој беше пречекан и од заменик-премиерот и министер за надворешни работи, Мухамед Ишак Дар. Разговорите се фокусирани на улогата на Пакистан во посредувањето и напорите за, како што се наведува, завршување на конфликтите и воспоставување мир во регионот.
Според планот, по посетата на Пакистан, иранскиот шеф на дипломатијата треба да отпатува во Оман и Русија за дополнителни консултации.
Во меѓувреме, во Исламабад се воведени засилени безбедносните мерки и дел од улиците беа затворени, додека јавниот превоз беше привремено суспендиран поради можни дипломатски активности поврзани со разговори меѓу Иран и САД.
Иранските власти истакнаа дека директни преговори со САД не се планирани. Слично, и иранските државни медиуми објавија дека Аракчи нема да учествува во никакви разговори со американската делегација за време на престојот во Исламабад, со што ги негираа спротивните тврдења во дел од американските медиуми.
Од друга страна, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран наводно подготвува предлог во преговорите кој би бил во согласност со барањата на САД, додавајќи дека ќе се разгледа што точно ќе биде понудено.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, информираше дека Иран побарал нова средба лице в лице со американската администрација, при што се најавува дека претставниците Џаред Кушнер и Стив Виткоф ќе патуваат во Пакистан утре.
