ТРАМП СО НОВ УДАР ВРЗ ЕВРОПА Самитот на НАТО започнува со големи прашања
Лидерите во Анкара ќе разговараат за милијарди за одбрана, иднината на Украина и зголемувањето на военото производство.

Лидерите на 32 земји членки на НАТО на дводневен Самит, денеска и утре ќе се соберат во Анкара на кој главни теми ќе бидат зголемувањето на издвојувањата за одбрана, јакнењето на военото производство и идната поддршка за Украина. Според „Ројтерс“, притисокот од американскиот претседател Доналд Трамп врз европските сојузници да трошат повеќе за одбрана ќе биде една од клучните точки на разговорите. Дополнителна неизвесност создаваат и најавите за преиспитување на американското воено присуство во Европа.
На самитот ќе учествува и Трамп, а покрај лидерите на НАТО се очекуваат и украинскиот претседател Володимир Зеленски, претседателот на Европскиот совет Антонио Коста и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Европските држави ќе се обидат да покажат дека го исполнуваат ветувањето за зголемување на трошоците за одбрана, со цел до 2035 година да достигнат издвојувања од пет проценти од БДП за одбранбени и поврзани безбедносни мерки.
Во нацрт-декларацијата на самитот се наведува дека европските сојузници и Канада во 2025 година ги зголемиле инвестициите во клучните одбранбени потреби за повеќе од 139 милијарди долари. Фокусот ќе биде ставен и на Украина. Земјите членки се очекува да потврдат нов пакет помош од околу 70 милијарди евра за 2026 година, кој ќе вклучува воена опрема, финансиска поддршка и обука.
Една од главните теми ќе биде и развојот на одбранбената индустрија. Во Анкара ќе се одржи форум за воена индустрија, на кој се најавени договори вредни десетици милијарди долари. Турција, како домаќин на самитот, ќе се обиде да ги истакне своите растечки капацитети во производството на оружје и ќе бара олеснување на ограничувањата за трговија со одбранбена опрема меѓу членките на НАТО.
Претседателот Реџеп Таип Ердоган, според најавите, ќе разговара со сојузниците за набавка на противракетниот систем SAMP/T, како и за враќање на Турција во програмата за борбени авиони F-35 и укинување на американските санкции. На агендата ќе бидат и глобалните безбедносни прашања, вклучително и ситуацијата со Иран. Лидерите се очекува да повторат дека Техеран не смее да поседува нуклеарно оружје и да повикаат на слободна навигација низ Хормутскиот Теснец.
Во рамки на самитот, министрите за надворешни работи и одбрана на НАТО ќе одржат средби и со претставници од земјите од Блискиот Исток, како и со партнерите од Азија и Пацификот.


