ТРАМП ГО ПОВЛЕЧЕ МАСОВНИОТ НАПАД ВРЗ ИРАН Техеран му порача – Остана без гориво
Техеран со жестока реакција по одлуката на американскиот претседател.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека разговорите со Иран ќе продолжат денес, откако потврди дека наредил откажување на планираниот „масовен напад“ врз Иран. Трамп, во разговор со новинарите во претседателскиот авион „Ер Форс Уан“, рече дека САД биле целосно подготвени за напад, но дека повеќе сојузници побарале тој да биде откажан.
„Тие го знаеја обемот на нападот бидејќи видоа како се подготвуваме. Сега разговараме со нив и преговорите започнуваат во понеделник попладне. Ќе видиме“, изјави Трамп, пренесува Си-Ен-Ен.
Според американскиот претседател, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Катар и Иран побарале од Вашингтон да се откаже од планираната воена операција. Трамп рече дека причината за ваквото барање е проценката дека постои можност за постигнување договор.
„Бевме целосно подготвени, но кога сојузниците побараа да се откаже, рековме: добро, ќе видиме“, изјави тој.
Тој додаде дека разговорите би можеле да опфатат договор за Хормутскиот Теснец, а потоа и договор за иранската нуклеарна програма, односно, како што се изрази, „денуклеаризација на Иран“. Во меѓувреме, саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман телефонски разговарал со Трамп и повикал на деескалација на конфликтот, соопшти саудиската државна новинска агенција. Неименувани извори претходно изјавиле за Си-Ен-Ен дека за време на разговорот саудискиот престолонаследник изразил загриженост поради американските планови за напад врз Иран.
Од Техеран, сепак, следеше остар демант. Иранските државни медиуми негираа дека Иран побарал од Трамп да го откаже нападот. Полуофицијалната иранска новинска агенција Фарс, пак, објави навредлив коментар на сметка на американскиот претседател:
„Трамп, будалата, остана без бензин“.
Според иранската агенција Мехр, израелскиот Канал 13 известил за можен недостиг на пресретнувачки ракети во САД. Според тој извештај, токму состојбата со залихите на противракетната муниција би можела да биде една од причините за одлуката на Трамп да се повлече од планираниот напад и да даде предност на преговорите.
Во услови на зголемени тензии, вниманието сега е насочено кон најавените разговори меѓу Вашингтон и Техеран и кон тоа дали тие ќе доведат до конкретен договор или само ќе претставуваат нова дипломатска пауза пред евентуална ескалација.

