ТРАМП БЕСЕН ПОРАДИ МЕДИУМИТЕ Одземете им ги лиценците веднаш

Претседателот ги обвини телевизиските мрежи дека намерно го блокирале неговото обраќање за изборната безбедност.

ТРАМП БЕСЕН ПОРАДИ МЕДИУМИТЕ Одземете им ги лиценците веднаш
Фото: Принтскрин

Американскиот претседател Доналд Трамп побара одземање на лиценците за емитување на телевизиските мрежи кои не го пренесоа во живо неговото обраќање во ударниот термин посветено на безбедноста на изборниот систем. Трамп ги нападна CNN, ABC и NBC, обвинувајќи ги дека намерно одлучиле да не го емитуваат неговиот говор во кој тој изнесе тврдења за наводно странско влијание врз американските избори.

„Ова е измама, одземете им ги лиценците веднаш!“, порача Трамп.

Тој оценува дека одлуката на дел од медиумите да не го пренесат целосното обраќање претставува сериозен пропуст. Според американските медиуми, ABC и NBC сепак го емитувале говорот преку нивните стриминг платформи, додека по завршувањето на обраќањето продолжиле со редовна програма и специјални емисии во кои биле анализирани и проверувани изнесените тврдења.

Fox News и Fox мрежата го емитувале целото обраќање, додека BBC и MS NOW прикажале делови во живо, а потоа продолжиле со анализа. CNN, пак, избрал да прикаже делови од говорот со коментари и реакции на своите новинари наместо целосен пренос. Во говорот Трамп тврдеше дека Кина незаконски пристапила до податоци за околу 220 милиони американски гласачи и дека тие информации биле дел од обид за влијание врз изборните процеси во САД. Тој оцени дека американскиот изборен систем има сериозни безбедносни слабости и побара од Конгресот итно да го усвои Законот SAVE America.

Телевизиските мрежи во САД немаат законска обврска да ги емитуваат претседателските обраќања во ударен термин. Традиционално, ваквите преноси се резервирани за национални кризи или значајни моменти, а медиумите одлучуваат дали ќе обезбедат целосен пренос. Трамп и претходно се закануваше со одземање лиценци на медиуми чие известување го смета за негативно кон него. Сепак, претседателот на Федералната комисија за комуникации (FCC), Брендан Кер, има ограничени овластувања за такви постапки, бидејќи работата на медиумите е заштитена со законските ограничувања и со Првиот амандман на американскиот Устав кој ја гарантира слободата на говорот.

Критичарите на Трамп оценуваат дека неговите закани претставуваат притисок врз независните медиуми, додека неговите поддржувачи сметаат дека станува збор за одговор на, како што тврдат, пристрасното медиумско известување.

CATEGORIES
TAGS
Share This