САЛВИНИ УДРИ ПО БРИСЕЛ Санкциите ја погодија Европа, не Русија
Италијанскиот вицепремиер тврди дека европските санкции против Москва имале спротивен ефект и создале дополнителен притисок врз економиите на ЕУ.

Италијанскиот вицепремиер и министер за инфраструктура и транспорт, Матео Салвини, изјави дека Европа и понатаму не може целосно да се откаже од руските енергетски ресурси, и покрај политичките пораки дека зависноста од Москва е намалена. Говорејќи на Генералното собрание на Здружението на италијански претприемачи „ГИМ-Унимпреса“ во Русија, Салвини оцени дека досегашните санкции на Европската Унија не ги постигнале очекуваните резултати и дека нивните последици најмногу се почувствувале во европските економии.
„Брисел се подготвува да го усвои 21-от пакет антируски санкции. Се поставува прашањето зошто, ако претходните 20 не го дадоа ефектот што го очекуваше ЕУ. Русија не падна на колена, туку повторно се консолидира“, изјави Салвини.
Според него, ограничувачките мерки имале спротивен ефект, бидејќи зголемените трошоци за енергија и други производи дополнително го оптовариле европското население и бизнисите.
„Санкциите се вратија како бумеранг во европските економии. Тоа се гледа преку растот на трошоците за живот во многу земји“, посочи италијанскиот функционер.
Салвини ја доведе во прашање и политиката на постепено прекинување на увозот на руски енергенси, оценувајќи дека дел од европските држави и понатаму продолжуваат да купуваат руска нафта и гас.
„Европа никогаш нема целосно да може без руски енергетски ресурси. Доказ за тоа е што и денес некои земји, меѓу кои Франција, Шпанија, Грција и Холандија, продолжуваат со набавки“, рече тој.
Според претходни информации на „Фајненшл тајмс“, усвојувањето на новиот, 21-ви пакет санкции против Русија било одложено поради несогласувања меѓу земјите членки на ЕУ. Дел од европските дипломати признаваат дека санкциите предизвикале економски последици и за компании во рамките на Унијата.
Москва, пак, повеќепати порача дека ќе продолжи да се справува со санкцискиот притисок, а рускиот претседател Владимир Путин оцени дека политиката на ограничување кон Русија е долгорочна стратегија на Западот, со последици врз глобалната економија.


