ТРАГЕДИЈА ЗА МАКЕДОНИЈА, 787 МИНУТИ БЕЗ ГОЛ Седлоски: Нема предавање

Четврти пораз во Лигата на нации, ниту еден удар во рамките на голот против Швајцарија и сигурен пад во Ц дивизијата – репрезентацијата минува низ тежок период.

ТРАГЕДИЈА ЗА МАКЕДОНИЈА, 787 МИНУТИ БЕЗ ГОЛ Седлоски: Нема предавање
Фото: Принтскрин

Фудбалската репрезентација на Македонија продолжува со серијата без постигнат гол, која по поразот од Швајцарија во Луцерн достигна 787 минути. Швајцарците славеа со 3:0 и со четвртиот пораз во групата практично го потврдија испаѓањето на Македонија во Ц дивизијата од Лигата на нации.

Македонија повторно беше безопасна во нападот. Избраниците на Гоце Седлоски не упатија ниту еден удар во рамките на голот на Швајцарија, а вкупно само трипати шутираа кон противничкиот гол.

Швајцарците ги казнија грешките на македонските репрезентативци. Ридер погоди во 43. минута по киксот на Муслиу, Мазамби зголеми на 2:0 во 74. минута по лошата интервенција на Димитриевски, а конечниот резултат го постави Ндој во 81. минута по грешката на Гаштаров.

Со осмиот натпревар без постигнат гол, Македонија влезе во серија која станува сериозен проблем. Загрижува и податокот дека во три од четирите натпревари во Б дивизијата македонската репрезентација немала ниту еден удар во рамките на противничкиот гол.

Во ноември Македонија ќе ги одигра последните два натпревари во групата – на гости против Шкотска и дома против Словенија. Доколку продолжи серијата без гол, тогаш ќе се наврши речиси една година од последниот погодок на репрезентацијата.

Во вториот натпревар од групата, Словенија ја совлада Шкотска во Глазгов со 2:1. Шкотска поведе преку Кристи, но Словенија направи пресврт со головите на Матко и Штурм.

На табелата Швајцарија е прва со 12 бодови и го обезбеди враќањето во А дивизијата, Словенија има седум, Шкотска четири, додека Македонија е последна без освоен бод.

По натпреварот, селекторот Гоце Седлоски призна дека репрезентацијата се наоѓа во тежок период, но порача дека нема да се предаде.

„Одигравме одлично прво полувреме сè до примениот гол, но направивме индивидуални грешки, а селекција како Швајцарија таквите работи не ги простува. Во првиот дел создадовме две-три добри можности кои моравме подобро да ги искористиме“, изјави Седлоски.

Тој посочи дека еден од проблемите е и недоволната минутажа на дел од репрезентативците во нивните клубови, но нагласи дека ги испробал сите офанзивни опции.

„Од првиот натпревар наваму ги испробав сите напаѓачи, но ни недостига тој гол и, за жал, никако да стигнеме до него. Мора да продолжиме да работиме. Не застанувам и не се предавам. Како фудбалер бев борец, а таков ќе останам и како тренер. Се наоѓаме во тежок период, но нема предавање“, порача Седлоски.

CATEGORIES
Share This