ТРАГЕДИЈА ГО ПОТРЕСЕ ШПАНСКИОТ ФУДБАЛ Можно е да биде прекинато првенството по смртта на 30-годишниот фудбалер

Ла Лига разгледува одложување на натпреварите од првата и втората лига, а конечната одлука се очекува во наредните денови.

ТРАГЕДИЈА ГО ПОТРЕСЕ ШПАНСКИОТ ФУДБАЛ Можно е да биде прекинато првенството по смртта на 30-годишниот фудбалер
Фото: Принтскрин

Смртта на напаѓачот на Тенерифе, Хесус де Мигел, по трагичен судир со противничкиот голман предизвика повик за прекин на фудбалските натпреварувања во Шпанија. Ла Лига разгледува одложување на натпреварите од првата и втората лига, а конечната одлука се очекува во наредните денови.

Иницијативата за одложување на натпреварувањето ја покрена Здружението на шпански фудбалери (АФЕ), кое побара од Шпанската фудбалска федерација (РФЕФ), Ла Лига и УЕФА да ги одложат сите натпревари во Шпанија во периодот од 3 до 9 ноември.

„Смртта на нашиот колега Хесус де Мигел е непоправлив удар за целото фудбалско семејство. Веруваме дека има моменти кога фудбалот мора да престане“, соопшти АФЕ.

Ла Лига веќе го разгледува барањето, а конечната одлука треба да биде донесена во текот на утрешниот ден или во четврток.

Евентуалното одложување отвора и низа организациски и финансиски прашања. Меѓу проблемите се договорните обврски кон телевизиските компании и спонзорите, можните финансиски казни, како и веќе пренатрупаниот календар на натпреварувања. Сепак, како една од реалните можности се споменува одложување на 12. коло од Првата и 13. коло од Втората шпанска лига.

Хесус де Мигел почина во понеделникот, откако се судри со голманот на Андора, Хесус Овоно, во завршницата на натпревар од Втората шпанска лига. Голманот истрчал од својот гол за да спречи контранапад, при што дошло до силен судир со напаѓачот на Тенерифе. Според првичните информации, Де Мигел добил удар во градите со коленото на голманот.

Фудбалерот веднаш доживеал срцев удар на теренот. Медицинскиот тим започнал со реанимација, по што тој бил префрлен во болница, каде што починал. Имаше само 30 години.

Натпреварот меѓу Тенерифе и Андора бил прекинат по трагичниот инцидент, а голманот Хесус Овоно добил директен црвен картон. Шпанската фудбалска федерација веќе ги одложи натпреварите од Кралскиот куп закажани за вторник, додека средбите од европските натпреварувања во Шпанија започнаа со едноминутно молчење во чест на починатиот фудбалер.

Сега вниманието е насочено кон одлуката на Ла Лига, која треба да утврди дали трагедијата ќе доведе и до одложување на целото коло во двете најсилни шпански фудбалски лиги.

ТРАГЕДИЈА ШТО ГО ПОТРЕСЕ ФУДБАЛОТ Играч на Тенерифе почина по стравичен судир на теренот

CATEGORIES
Share This