ПРИЈАВИЛА ЗАКАНИ, ДОБИЛ МЕРКИ ЗА ЗАШТИТА, А СЕГА ДВАЈЦА СЕ МРТВИ Страшна трагедија кај Богданци
Обвинителството се сомнева на убиство и самоубиство, но најавува целосно испитување на случајот.

Страшна трагедија ја потресе околината на Богданци. Две лица се пронајдени мртви на местото викано Ичева Чешма, кај Горно Село, а во близина било опожарено патничко моторно возило.
Според информациите од Обвинителството, на 3 ноември, во 18:40 часот, случаен минувач забележал опожарено паркирано возило и безживотно тело во негова близина.
Полицијата пристигнала на местото и констатирала дека покрај возилото се наоѓа машко лице кое не давало знаци на живот. Станува збор за В.Г. (21) од Богданци, чија смрт ја констатирала екипа на Итната медицинска помош од Гевгелија.
По локализирањето на пожарот, пожарникарите во возилото забележале уште едно опожарено тело без знаци на живот.
Од Јавното обвинителство соопштија дека првичните индиции упатуваат на убиство и самоубиство, но нагласуваат дека сите околности ќе бидат детално испитани.
Неофицијално, девојката на 16 октомври го пријавила 21-годишникот за загрозување на сигурноста. Од Обвинителството потврдиле дека по пријавата веднаш започнало постапување, а во меѓувреме, во граѓанска постапка, на лицето му биле определени мерки за заштита од семејно насилство.
Според неофицијалните информации, девојката живеела со него уште од својата 13-годишна возраст.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија извршил увид на местото на настанот и издал повеќе наредби за обезбедување докази. Наредена е обдукција на двете тела за утврдување на идентитетот и причините за смртта, а обезбедени се и снимки од видео надзор.
МВР соопшти дека се преземаат мерки за утврдување на сите околности и целосно расчистување на случајот.
Одговорите на прашањата што точно се случило кај Богданци, како дошло до трагедијата и дали можело да се спречи, треба да ги даде истрагата.
МОРНИЧАВ ПРИЗОР КАЈ БОГДАНЦИ Едно тело покрај автомобилот, друго во изгореното возило

