ТИРАНА НА НОЗЕ Студентите бараат оставка, Рама тврди дека се води хибридна војна
Осми ден продолжуваат антивладините протести во Албанија. Студентите добија поддршка и од професорите, додека премиерот Еди Рама тврди дека зад немирите стојат организирани структури поттикнати од странски актери.

Албанија осми ден се соочува со студентски протести кои прераснаа во пошироки антивладини демонстрации, со барања за оставка од премиерот Еди Рама. Незадоволството од состојбите во образованието, високите трошоци за студирање и ограничените можности за вработување на младите прерасна во политички притисок врз владата.
Во Тирана студентите повторно се собраа пред Политехничкиот универзитет, а на протестот им се придружија и професори, откако универзитетските синдикати најавија учество во маршот на солидарност.
Албанскиот премиер Еди Рама ги обвини организаторите на насилните протести дека се обидуваат да ја дестабилизираат земјата и да го загрозат процесот на преговори со Европската Унија. На средба со директорите на средните училишта во Министерството за образование, Рама изјави дека никој не може насилно да ја собори владата, оценувајќи дека зад инцидентите стојат организирани групи со политички мотиви.
„Ова е напад кој е организиран во прецизна рамка, извршен од обучени раце и хранет од внатрешен оган, поттикнат од странски актери. Тоа е хибридна војна“, изјави Рама.
Тој посочи дека владата разгледува мерки за спречување нови инциденти, особено во однос на учеството на малолетници во насилните протести.
Иако протестите започнаа поради образовни и социјални проблеми, демонстрантите сега бараат и политичка одговорност од власта. Додека студентите и дел од професорите продолжуваат со протестите, Рама тврди дека насилните инциденти се дел од поширок обид за дестабилизација на Албанија, со можни последици и врз нејзиниот европски пат.

