ОСУМ МЕСЕЦИ ЧЕКАЊЕ Обвинителите го притиснаа Уставниот суд, предупредуваат на сериозни последици
По повеќе од осум месеци чекање, обвинителите бараат Уставниот суд да одлучи за намалените коефициенти на платите, предупредувајќи на одлив на кадар, нарушување на самостојноста и можни негативни оценки од Европската комисија.

Советот на јавните обвинители, Јавното обвинителство и Здружението на јавните обвинители упатија заедничко барање до Уставниот суд итно да ги разгледа иницијативите за оценување на уставноста на законските измени со кои по третпат беа намалени коефициентите за пресметка на обвинителските плати.
Од обвинителската фела изразуваат сериозна загриженост поради повеќемесечното одложување на одлуката, оценувајќи дека ваквата состојба ја доведува во прашање самостојноста на Јавното обвинителство и создава нерамноправност меѓу судската и обвинителската функција.
Обвинителите потсетуваат дека Уставниот суд, при поведувањето постапка за оценување на уставноста на спорните одредби, веќе изразил сомнеж дека законодавецот со намалувањето на коефициентите навлегол во уставно загарантираната независност и самостојност на обвинителството.
Според нив, иако Собранието има право законски да ја регулира висината на платите, тоа не смее да го загрози уставниот статус на обвинителите и нивното право на соодветна заработувачка.
Од Здружението предупредуваат дека натамошното намалување на платите и неизвесноста околу уставноста на законските решенија може да предизвикаат сериозен одлив на обвинители и да го загрозат нормалното функционирање на институцијата.
Тврдат дека обвинителските плати во Македонија се најниски во регионот, додека институцијата истовремено се соочува со хроничен недостиг од административен кадар, финансиски средства и основни услови за работа.
Според обвинителите, проблемот не се однесува само на нивните примања, туку и на способноста на обвинителството ефикасно да ги извршува своите законски надлежности. Тие оценуваат дека дополнителното ослабување на институцијата може директно да се одрази врз заштитата на правата на граѓаните и функционирањето на правната држава.
Обвинителската фела очекува ваквите состојби да бидат нотирани и во претстојниот извештај на Европската комисија, како показател за назадување во обезбедувањето независност и самостојност на Јавното обвинителство.
По повеќе од осум месеци од поднесувањето на иницијативите, обвинителите бараат Уставниот суд конечно да постапи и да ги разгледа нивните аргументи, поткрепени со споредбени анализи од европските земји и регионот.
Тие сметаат дека со одлуката треба да се исправи неправдата што, според нив, му е нанесена на обвинителството како еден од клучните столбови на правната држава.

