ТЕНЗИИТЕ ЕСКАЛИРААТ – Нетанјаху итно свика безбедносен кабинет пред средбата со Трамп

Израелскиот премиер свика итен безбедносен состанок пред разговорите со Доналд Трамп, додека растат стравувањата од нов конфликт со Иран.

ТЕНЗИИТЕ ЕСКАЛИРААТ – Нетанјаху итно свика безбедносен кабинет пред средбата со Трамп
Фото: Принтскрин

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска свика итен состанок на кабинетот за безбедност пред најавената средба со американскиот претседател Доналд Трамп, која се очекува да се одржи до крајот на денот.

„Нашите очи се отворени кога станува збор за Иран“, порача Нетанјаху.

Тој го порача тоа на состанокот во неговата канцеларија во Ерусалим, во време на засилени тензии и информации дека САД и Израел се подготвуваат за можна нова воена операција против Техеран, пренесува „Тајмс оф Израел“.

Тој најави дека со Трамп ќе разговара за повеќе актуелни прашања, вклучително и впечатоците од неодамнешната посета на американскиот претседател на Кина.

„Постојат многу можности пред нас и ние сме подготвени за секое сценарио“, изјави Нетанјаху.

Средбата меѓу двајцата лидери доаѓа по нападот со дрон врз нуклеарна централа во Обединетите Арапски Емирати, земја која заедно со Израел беше меѓу најпогодените од иранските напади за време на конфликтот во март и април.

Според медиумските извештаи, Израел и Соединетите Американски Држави во изминатиот период спроведуваат интензивни подготовки за можна обнова на нападите врз Иран.

На состаноците на израелскиот безбедносен кабинет вообичаено присуствуваат министерот за надворешни работи Гидеон Саар, министерот за одбрана Израел Кац, министерот за финансии Безалел Смотрич, министерот за национална безбедност Итамар Бен Гвир, како и лидерот на партијата Шас, Арје Дери.

CATEGORIES
TAGS
Share This