ТЕНЗИИ ДО МАКСИМУМ – Иран одбива дијалог, Трамп се заканува со уништување на инфраструктурата

Иран најавува дека нема да учествува во губење време без промена на пристапот.

ТЕНЗИИ ДО МАКСИМУМ – Иран одбива дијалог, Трамп се заканува со уништување на инфраструктурата
Фото: Принтскрин

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи, во телефонски разговор со пакистанскиот шеф на дипломатијата Ишак Дар, изјавил дека континуираното прекршување на прекинот на огнот од страна на САД претставува главна пречка за продолжување на дипломатскиот процес, соопшти иранското Министерство за надворешни работи.

Според Техеран, актуелните преговори стануваат бесмислени поради, како што тврдат, американското непочитување на договореното примирје и притисокот што го вршат врз Иран. Аракчи нагласил дека Иран дополнително ќе ги разгледа сите опции и ќе одлучи за следните чекори во соодветен момент.

Иранската новинска агенција Тасним наведува дека едно од клучните спорни прашања во преговорите е поморската блокада, која, според нив, била пренесена преку пакистанска медијација до американската страна.

Иранските претставници сметаат дека нема смисла да се продолжи со разговорите доколку САД не го променат пристапот и продолжат со, како што велат, погрешни проценки и притисоци. Поради тоа, Техеран порача дека нема да учествува во „губење време“ или „политички театар“, додека не се создадат услови за прифатлив договор.

Претседателот на иранскиот парламент и главен преговарач Мохамад Багер Калибаф изјави дека Иран не прифаќа преговори под закани и притисок, обвинувајќи го американскиот претседател Доналд Трамп дека се обидува преговарачкиот процес да го претвори во „акт на капитулација“.

Трамп, пак, порача дека САД би можеле да таргетираат иранска инфраструктура доколку не се постигне договор, истакнувајќи дека на Техеран му се остава избор меѓу мир и конфликт. Тој додаде дека САД нудат „фер договор“, но не ја исклучуваат употребата на сила.

Во меѓувреме, Иран демантираше дека ќе испрати делегација на следната рунда разговори, додека американската страна тврди дека делегација е веќе упатена кон Пакистан. Според Си-Ен-Ен, нова рунда преговори е планирана за среда, но ситуацијата останува неизвесна поради зголемената реторика меѓу двете страни.

CATEGORIES
TAGS
Share This