ПОЛИТИЧКИ ЗЕМЈОТРЕС – Унгарија се соочува со пресврт и ќе го уапси Нетанјаху
Лидерот на Тиса тврди дека Унгарија мора да постапи по налогот на МКС за Нетанјаху.

Лидерот на партијата Тиса, Петер Маѓар, изјави дека Унгарија ќе мора да постапи по налогот на Меѓународниот кривичен суд и да го уапси израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху доколку тој влезе на унгарска територија.
Во исто време, Маѓар најави дека ќе го запре процесот за повлекување на Унгарија од Меѓународниот кривичен суд најдоцна до 2 јуни, односно една година по официјалното известување за повлекување испратено до Обединетите нации. Информацијата ја пренесува бриселскиот портал Politico.
На прашањето за најавената посета на Нетанјаху во Унгарија оваа есен, Маѓар изјави дека ставот на неговата партија е јасен и Унгарија треба да остане членка на Судот и да ги почитува неговите одлуки. Тој нагласи дека доколку земјата е членка на МКС, тогаш е обврзана да постапи по налозите за апсење.
МКС во ноември 2024 година издаде налог за апсење на Нетанјаху за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото, што значи дека земјите членки се должни да го приведат ако се најде на нивна територија.
И покрај тоа, Унгарија претходно одби да го уапси израелскиот премиер за време на неговата посета на Будимпешта во април 2025 година, кога тогашниот премиер Виктор Орбан најави повлекување од МКС.
Според најавите, повлекувањето од Судот би стапило во сила една година по официјалното известување, што во пракса би можело да влијае на обврските на Унгарија во однос на извршување на меѓународните налози.
