ТАЕН КАНАЛ МЕЃУ САД И ИРАН Вашингтон и Техеран разменуваат пораки за Хормускиот теснец

Во размената на пораки се вклучени и безбедноста на пловидбата во Црвеното Море и нападите на Хутите врз трговски бродови.

ТАЕН КАНАЛ МЕЃУ САД И ИРАН Вашингтон и Техеран разменуваат пораки за Хормускиот теснец
Фото: Принтскрин

САД и Иран разменуваат пораки за повеќе чувствителни прашања, меѓу кои и безбедноста на пловидбата низ Ормускиот теснец и Црвеното Море, како и нападите на јеменските Хути врз трговски бродови, објави „The National“, повикувајќи се на извор запознаен со разговорите.

Според изворот, Вашингтон се обидува да обезбеди прекин на нападите врз бродовите и непречено одвивање на поморскиот сообраќај низ Хормускиот теснец и Црвеното Море. За возврат, Техеран бара исполнување на обврските преземени со привремениот договор од јуни, вклучително и можност за извоз на нафта и постепено ублажување на санкциите.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, вчера потврди дека Техеран прима пораки од Вашингтон, но негираше дека се водат директни или индиректни преговори. Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, изјави дека двете страни во моментов разговараат. Во размената на пораките, според изворот, значајна улога има Пакистан, особено по потпишувањето на договорот за меѓусебна одбрана со Саудиска Арабија минатата година.

Изворот наведува и дека Исламабад ги предупредил Хутите да не напаѓаат бродови поврзани со Пакистан. Иако продолжувањето на комуникацијата меѓу Вашингтон и Техеран се оценува како позитивен сигнал, изворот предупредува дека евентуалниот договор би барал долготраен процес на преговори и дека во моментов не може да се очекува брзо решение на кризата.

Дополнителна неизвесност претставува и улогата на Израел, која би можела да има значително влијание врз понатамошниот тек на евентуалните разговори меѓу САД и Иран. Аналитичарот за Блискиот Исток, Франческо Скијави, за „The National“ оцени дека едно од клучните спорни прашања е контролата врз Ормускиот теснец. Според него, проблемот произлегува од различните толкувања на одредбите од меморандумот за разбирање постигнат во јуни.

CATEGORIES
Share This