ТАЈНАТА ВАЛУТНА ВОЈНА ЗАПОЧНА Ова е планот на Кина за слабеење на Америка
Европската централна банка предупредува дека доларот останува доминантен, но геополитичките тензии отвораат прашања за неговата иднина.

Американскиот долар и понатаму ја задржува позицијата на најважна светска валута, но прашањето за неговата долгорочна доминација станува сè поотворено. Во годишниот извештај објавен во јуни, Европската централна банка оценува дека доларот ја потврдил својата централна улога во глобалниот финансиски систем, но предупредува дека геополитичките тензии и промените во американската политика можат да влијаат врз неговата иднина.
Глобалната финансиска криза од 2008 година за Пекинг била предупредување за моќта што ја носи американската валута. Оттогаш, Кина постепено почна да ја намалува зависноста од доларот и да бара начини за поголема финансиска автономија.
Во 2013 година, Кинеската народна банка беше најголемиот странски сопственик на американски државни обврзници, со околу 1,3 трилиони долари. Денес, нејзиното портфолио е намалено на околу 700 милијарди долари, со што Пекинг е трет најголем странски сопственик. Долгорочната стратегија на Кина е постепена дедоларизација на меѓународната трговија. Наместо директна замена на доларот со јуанот, Пекинг се обидува да создаде паралелни финансиски канали преку кои земјите ќе можат да тргуваат без американската валута и без зависност од системи контролирани од Вашингтон.
Еден од примерите е енергетскиот сектор. По воведувањето американски санкции врз кинеската рафинерија „Хенгли Петрохемикал“ поради купување иранска нафта, компанијата, според „Волстрит џурнал“, одлучила идните набавки да ги плаќа во јуани наместо во долари. Иран, кој со години е под американски санкции, исто така се сврте кон алтернативни финансиски механизми. Во 2024 година земјата оствари околу 43 милијарди долари приходи од нафта, а дел од трансакциите биле реализирани преку кинескиот систем за прекугранични плаќања CIPS, воспоставен како алтернатива на глобалниот систем SWIFT.
Нафтата на Иран најчесто се продава на Кина во јуани, а добиената валута потоа се користи за купување кинески производи или трговија со земји кои прифаќаат плаќања во кинеската валута, како Русија и Пакистан. За разлика од доларот, кој овозможува пристап до речиси целиот светски пазар, јуанот сè уште има ограничена меѓународна употреба. Кина дополнително го развиваше својот финансиски систем. Во 2018 година започна со тргување со договори за нафта деноминирани во јуани на берзата во Шангај, а во 2021 година ја лансираше платформата mBridge, која овозможува прекугранични плаќања преку дигитални валути на централните банки без директно користење на американски финансиски институции.
Сепак, Пекинг не се обидува целосно да го замени доларот. Преземањето на улогата на глобална резервна валута би барало големи економски промени, како укинување на капиталните контроли и целосно отворање на финансискиот систем, што може да создаде ризици за кинеската економија.
Наместо тоа, кинеската цел е создавање поголем број трговски текови надвор од американскиот долар и постепено намалување на финансиското влијание на Вашингтон. Во овој контекст се толкува и изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп од 17 јуни, кога тој изјави дека САД замрзнале „многу“ ирански средства и дека можеби ќе мора да ги вратат.
„Тоа не се наши пари, тоа се нивни пари и ние ги замрзнавме во еден момент. Претпоставувам дека ќе мора да ги вратиме, затоа што ако не ги вратиме, никој никогаш повеќе нема да инвестира во доларот“, изјави Трамп.
Само во Соединетите Американски Држави се замрзнати околу 2 милијарди долари ирански државен имот, вклучително и средства блокирани уште по револуцијата во 1979 година. Дополнително, проценките за вкупните ирански средства замрзнати низ светот се движат меѓу 100 и 120 милијарди долари. Иако доларот сè уште нема вистински глобален конкурент, растот на алтернативните системи покажува дека борбата за финансиско влијание станува едно од клучните геополитички прашања на 21 век.


