ЖЕШТИНИТЕ УДРИЈА ПО НИВИТЕ Земјоделците добија итна препорака за спас на родот

Високите температури ја зголемуваат потребата од вода кај земјоделските култури, а агрометеоролозите препорачуваат итно наводнување и редовна нега на посевите.

ЖЕШТИНИТЕ УДРИЈА ПО НИВИТЕ Земјоделците добија итна препорака за спас на родот
Фото: Принтскрин

Земјоделците треба редовно да ги наводнуваат земјоделските површини, особено пролетните окопни и индустриските култури, а истовремено да вршат плитка обработка на почвата за зачувување на влагата и спречување на создавање почвена кора, препорачуваат агрометеоролозите од УХМР.

Поради актуелните летни услови со високи температури, земјоделските производители треба да преземат дополнителни мерки за уништување на плевелите, како и навремена заштита на растенијата од појава и развој на болести и штетници.

Според агрометеоролозите, ова е период кога потребите за вода кај земјоделските култури се особено изразени и постојани. Поради тоа, наводнувањето е неопходно, а посевите треба редовно да се следат и да се продолжи со сите активности за нивна правилна нега.

Земјоделците треба да обрнат внимание и на подготовката на механизацијата за претстојната жетва на житните култури.

Од УХМР посочуваат дека минатата недела преовладувало претежно сончево и топло време, со мала локална облачност и повремени поројни врнежи од дожд. Таквите услови биле поволни за зреење на одредени овошни видови, како црешите и вишните, но и за интензивен раст и развој на пченката, сончогледот и другите пролетни култури.

Виновата лоза, пак, се наоѓа во фаза на затворање на гроздовите. Во овој период, во лозовите насади се препорачува редовна обработка на почвата за контрола на плевелите и зачувување на влагата, како и спроведување мерки за заштита од болести и штетници.

CATEGORIES
Share This