БЕЗБЕДЕН ГРАД Камерите открија 120.000 прекршоци за само пет месеци
Системот „Безбеден град“ за пет месеци регистрирал 120.000 сообраќајни прекршоци, а најголемиот дел се однесуваат на пребрзо возење.

Камерите од системот „Безбеден град“ за само пет месеци откриле околу 120.000 сообраќајни прекршоци, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на отчетот за неговото двегодишно работење на чело на МВР.
Според него, од почетокот на примената на системот на 1 февруари, забележано е значително намалување на бројот на сообраќајни несреќи. Во периодот до 22 јуни 2026 година, бројот на загинати лица е намален на 34, во споредба со 55 во истиот период минатата година, што претставува пад од околу 40 проценти.
„Безбеден град“ досега е активен во Скопје, Куманово и Тетово, како и на делови од коридорите 8 и 10. Од вкупниот број регистрирани прекршоци, дури 95 проценти се однесуваат на возачи кои ја надминале дозволената брзина.
Тошковски најави дека проектот ќе продолжи да се проширува, а до крајот на годината системот треба целосно да биде воспоставен низ целата држава, со опфат на поголемите градови и најважните патни правци.


