ТАЈНА ШЕМА ОТКРИЕНА – Фалсификувани лекови внесувани преку граница со поткуп
Во координирана акција приведени 14 лица, меѓу нив и лекари од државни клиники.

По повеќемесечна и темелна предистражна постапка, под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, полицијата спроведе обемна и координирана акција за разбивање на организирана криминална мрежа.
Со судски наредби издадени од Основниот кривичен суд, извршени се претреси на повеќе локации во Скопје, Струмица и Битола. Во акцијата се приведени 14 лица, меѓу кои лекари од ЈЗУ „8 Септември“ и ЈЗУ „Универзитетска клиника за дерматологија Скопје“, сопственици на приватни дерматолошки ординации, како и лица вклучени во транспорт и дистрибуција на нелегални лекови и медицински помагала.
По кривична пријава од Единицата за финансиски криминал, јавен обвинител отвори истрага против вкупно 19 лица и шест правни субјекти. Тие се сомничат за злосторничко здружување, повреда на права од индустриска сопственост, неовластена употреба на туѓа фирма и примање поткуп.
Според истрагата, во текот на 2026 година, седум осомничени формирале две криминални групи со цел стекнување противправна имотна корист. Подоцна им се приклучиле и други лица, при што користеле компании од Битола и Скопје како параван за нелегалните активности.
Групите организирано набавувале фалсификувани лекови и медицински помагала меѓу кои и ботокс од Србија, Кореја и Турција. Производите нелегално ги внесувале во земјата, а потоа ги складирале, дистрибуирале, продавале и аплицирале врз пациенти.
И покрај тоа што биле свесни дека станува збор за производи без одобрение, декларација и контрола од МАЛМЕД, дел од осомничените вршеле естетски интервенции, со што сериозно го загрозиле здравјето и животот на граѓаните.
Во истрагата е опфатен и царински службеник, кој во два наврати примил поткуп за да овозможи влез на нелегална стока без соодветна контрола.
Дополнително, истрагата опфаќа и блиски роднини на дел од осомничените, кои, иако знаеле за незаконските активности, учествувале во преземање, складирање и чување на нелегалните производи во своите домови.
Јавниот обвинител оцени дека постојат законски основи за определување притвор за 12 лица и до судот ќе биде доставен предлог за оваа мерка. За останатите пет осомничени ќе се предложат други мерки за обезбедување нивно присуство.
