СУДСКА ПРЕСУДА ГО ПОТРЕСЕ КРАЛСКИОТ ДОВРЕЦ Синот на принцезата осуден на затвор за силување
Судот во Осло го прогласи Мариус Борг Хојби за виновен по две точки од обвинението за силување и му изрече четиригодишна затворска казна.

Мариус Борг Хојби, син на норвешката принцеза Мете-Марит, е осуден на четири години затвор откако судот во Осло го прогласи за виновен по две точки од обвинението за силување.
Пресудата беше донесена по шестнеделно судење во кое беа разгледувани обвинувања за сексуални напади, насилство, злоупотреба на дрога и сексуално вознемирување. Покрај тоа, Хојби беше прогласен за виновен и за напад врз неговата поранешна девојка Нора Хаукланд, упатување закани и повеќе сообраќајни прекршоци.
Според обвинението, 29-годишниот Хојби сексуално нападнал четири жени во периодот од 2018 до 2024 година, во ситуации кога тие спиеле или не биле во можност да се спротивстават.
Мариус е познат на јавноста уште од 2001 година, кога неговата мајка се омажи за норвешкиот принц Хакон. Иако нема кралска титула и не извршува официјални должности, тој со години е тесно поврзан со норвешкото кралско семејство.
За време на судскиот процес Хојби ги негираше најтешките обвиненија, додека призна дел од помалите прекршоци. Тој не присуствуваше лично на изрекувањето на пресудата, туку ја следеше постапката преку видео врска.
Случајот се одвива во тежок период за неговата мајка, крунската принцеза Мете-Марит, која се соочува со сериозни здравствени проблеми. Таа боледува од белодробна фиброза – прогресивна болест која го отежнува дишењето и неодамна беше ставена на националната листа за трансплантација на бели дробови во Норвешка поради влошување на здравствената состојба.
Минатата недела Окружниот суд во Осло првично одобри привремено ослободување на Хојби за да може да биде со својата мајка додека таа чека трансплантација. Сепак, по жалба на обвинителството, повисокиот суд ја поништи одлуката, по што тој остана во притвор до изрекувањето на пресудата.
КРАЛСКА АГОНИЈА Болна принцеза, затворен син и судска битка што не запира


