СТРАНЦИ ВЕНЧАНИ САМО НА ХАРТИЈА Матичар од Слупчане осомничен за издавање лажни изводи
Полицијата сомничи дека од 2021 до 2024 година внесувал невистинити податоци во матичните книги и издавал документи за бракови на странски државјани кои наводно никогаш не биле склучени.

Матичар од Слупчане е осомничен дека цели четири години внесувал невистинити податоци во службената евиденција и издавал лажни изводи за склучени бракови на странски државјани. Против 66-годишниот маж е поднесена кривична пријава за фалсификување службена исправа.
Според информациите од МВР, И.З. (66), како службено лице матичар во месната заедница во селото Слупчане, во периодот од 2021 до 2024 година внесувал невистинити податоци во матичната евиденција.
Тој, според сомненијата, изготвувал и издавал изводи во кои било наведено дека странски државјани склучиле брак пред него, иако таквите бракови, според пријавата, не биле реално склучени.
Случајот го открила полицијата, по што СВР Куманово поднела кривична пријава против 66-годишниот жител на Слупчане поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување службена исправа“.

