МИЦКОСКИ СО ЈАСНА ПОРАКА ЗА БУГАРИЈА Ставот за уставните измени останува непроменет

Премиерот ја обвини претходната влада на СДСМ и ДУИ дека ја довела Македонија во ваква позиција, а изрази надеж дека дијалогот со Софија конечно ќе вроди со плод.

МИЦКОСКИ СО ЈАСНА ПОРАКА ЗА БУГАРИЈА Ставот за уставните измени останува непроменет
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски повтори дека ставот на Владата за уставните измени останува непроменет, но изрази надеж дека дијалогот со Бугарија конечно ќе донесе решение и ќе го отвори патот за почеток на преговорите со Европската Унија.

Мицкоски оцени дека Македонија се соочува со политички услов на европскиот пат поради одлуките на претходната влада предводена од СДСМ и ДУИ, обвинувајќи ги дека ја довеле државата во ваква позиција и покрај предупредувањата од тогашната опозиција.

„Што се однесува до уставните измени, нашиот став како Влада е јасен и тој е непроменет. За жал, поради експозициите и антидржавната политика на претходната влада на СДСМ и ДУИ, ние сега имаме политички услов, а тоа се уставните измени“ изјави Мицкоски при посетата на Пирава.

Тој посочи дека, покрај суштинските реформи што треба да се спроведат, земјата е принудена да се соочува и со политички услови на патот кон ЕУ. Сепак, премиерот нагласи дека дијалогот со источниот сосед продолжува и изрази надеж дека ќе биде постигнат резултат.

„Се надевам дека тој дијалог на крајот ќе вроди со плод и ќе можеме да зборуваме за процес што, конечно, 21 година по стекнувањето кандидатски статус и 26 години по потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација, ќе ни овозможи да почнеме со процесот на преговори“ рече Мицкоски.

Осврнувајќи се на последниот извештај на Европската комисија, премиерот оцени дека Македонија бележи значителен напредок во реформите во споредба со минатата година. Тој се повика и на вчерашната изјава на евроамбасадорот Михалис Рокас, кој го потврдил напредокот, но посочи дека извештајниот период завршува на 31 август и не ги опфаќа сите реформи реализирани во меѓувреме.

Според Мицкоски, Владата во изминатиот период спровела значителен број реформи, особено во рамките на реформската агенда, а дополнителни резултати се очекуваат до крајот на годината.

„Очекувам в година да имаме уште посилен извештај, со што ќе се потврдат напорите и амбициите на оваа Влада да биде реформска влада“ порача премиерот.

CATEGORIES
Share This