СРЕДБА МИЦКОСКИ МЕРЦ Дали се подготвува нов модел за членство

Балканот пред нов модел на интеграција во Европската Унија.

СРЕДБА МИЦКОСКИ МЕРЦ Дали се подготвува нов модел за членство
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Тиват оствари средба со германскиот канцелар Фридрих Мерц, во рамките на Самитот ЕУ – Западен Балкан.

На состанокот, двајцата соговорници разменија мислења за европската перспектива на регионот, актуелните предизвици со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан, како и за значењето на продлабочување на регионалната соработка и европската интеграција.

Мицкоски истакна дека ваквите средби се важна можност за зајакнување на партнерствата и за градење посилни врски со европските држави, кои, како што нагласи, се клучни за иднината на регионот.

Тој додаде дека на средбите со европски дипломати, меѓу кои и со германскиот канцелар, се разговарало за француско-германскиот документ за постепена интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, пред нивното полноправно членство.

Мицкоски во изјава за медиумите порача дека процесот на проширување треба да се одржи активен и дека е потребна трпеливост, бидејќи, како што рече, Европскиот совет јасно укажува дека проширувањето повторно станува жив процес.

„Она што е наша задача како влада е да го зачуваме тој процес, да напредуваме, но истовремено да не го изгубиме достоинството како што тоа беше случај во минатите децении. Кога станува збор за нашите македонски аспирации за членство во ЕУ, целта е да бидеме држава која испорачува најмногу реформи, да останеме фокусирани на проширувањето и да го сочуваме националното достоинство“, изјави Мицкоски.

Во однос на прашањето за уставните измени, тој нагласи дека темата била дел од разговорите со европските лидери.

„Но нашиот став е јасен, ние заслужуваме многу повеќе од потпросечни политички медиокритети, како што беше претходната влада, да ни ја креираат европската судбина“, додаде премиерот.

Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват е посветен на европската интеграција на регионот, при што една од главните теми е новиот француско-германски предлог за постепено вклучување на земјите кандидати во европските политики и единствениот пазар, уште пред полноправното членство.

CATEGORIES
Share This