СРБИЈА И ЈА ОДЗЕДЕ ЛИЦЕНЦАТА НА АЛТА БАНКА Што ќе се случува со банката во Битола
Народната банка уверува дека домашната банка е посебно правно лице и дека нејзиното работење се оценува според македонските закони.

Народната банка на Република Северна Македонија се огласи по одлуката на Народната банка на Србија за одземање на дозволата за работа на АЛТА банка а.д. Белград, нагласувајќи дека таа одлука не значи автоматско одземање на дозволата за работа на АЛТА банка АД Битола.
Од македонската централна банка појаснуваат дека одлуката на српскиот регулатор се однесува исклучиво на работењето на банката во Србија, додека АЛТА банка во Битола е самостојно правно лице, основано и регистрирано во Македонија. Нејзиното работење, како што посочуваат, се оценува согласно домашната законска и регулаторна рамка, а Народната банка како надлежен супервизор континуирано ја следи состојбата.
Од Народната банка потенцираат дека предмет на следење не е само непосредното работење на домашната банка, туку и сите околности што би можеле да влијаат врз нејзината стабилност, вклучително и ризиците што произлегуваат од сопственичката поврзаност со српската АЛТА банка. Во рамките на законските надлежности, централната банка презема соодветни активности и соработува со надлежните домашни и странски институции, при што се почитуваат правилата за доверливост на супервизорските информации.
Во однос на стекнувањето квалификувано учество во банка, Народната банка потсетува дека согласноста се издава по сеопфатна постапка, во која се оценуваат сите законски утврдени критериуми врз основа на официјално достапните податоци. Народната банка упати апел до јавноста да се потпира исклучиво на официјални и проверени информации и да не извлекува заклучоци врз основа на непотврдени тврдења.
Од институцијата порачуваат дека и натаму внимателно ќе ја следат состојбата и ќе постапуваат независно и професионално, во рамките на законските надлежности, со крајна цел зачувување на стабилноста на банкарскиот систем и заштита на депонентите.

