СООБРАЌАЈОТ СЕ ОДВИВА НЕПРЕЧЕНО – АМСМ предупредува на опасност од одрони

На граничните премини нема подолги задржувања, додека патот Охрид–Ресен преку Галичица е отворен за возила до 3,5 тони.

СООБРАЌАЈОТ СЕ ОДВИВА НЕПРЕЧЕНО – АМСМ предупредува на опасност од одрони
Фото: Национал

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, но поради претежно влажните коловози се препорачува зголемена внимателност, информира Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).

Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, пак, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Од АМСМ апелираат возачите да ја приспособат брзината на условите на патот, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и внимателно да управуваат со возилата.

Посебна претпазливост е потребна на патните правци што минуваат низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои можност од појава на одрони.

Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Во однос на сезонскиот режим на сообраќај, од 15 април патниот правец Охрид–Ресен преку Националниот парк Галичица е отворен за сообраќај за сите видови возила со маса до 3,5 тони.

CATEGORIES
Share This