СОЛЗИ ВО ЛОНДОН, СЛАВЈЕ ВО ПАРИЗ – ПСЖ ја одбрани титулата по вистински трилер
Финалето во Будимпешта понуди 120 минути неизвесност, а европскиот шампион беше решен дури од белата точка.

ПСЖ останува на тронот на европскиот фудбал. Францускиот шампион ја одбрани титулата во Лигата на шампионите откако во големото финале во Будимпешта го совлада Арсенал по изведување пенали, откако по 120 минути игра резултатот беше 1:1.
За Арсенал ова беше вистинска трагедија, бидејќи лондончани беа на чекор до историски успех, но промашувањата во пенал-серијата скапо ги чинеа. Така, 71-то финале во најелитното европско клупско натпреварување заврши со славје на „светците“ од Париз.
Арсенал одлично го отвори натпреварот и уште во раната фаза дојде до водство. Каи Хаверц продре по левата страна и од тешка позиција успеа да ја испрати топката зад грбот на Матвеј Сафонов за 0:1 и голема радост кај навивачите на англискиот состав.
Тимот на Микел Артета во првото полувреме успеа целосно да го неутрализира нападот на ПСЖ. Парижаните тешко создаваа шанси, а најопасни беа во самиот финиш кога Фабијан Руиз и Осман Дембеле не успеаја да ја погодат целта. На спротивната страна, Хаверц во судиското продолжение пропушти одлична можност да го удвои водството на Арсенал.
Во вториот дел ПСЖ значително го засили притисокот. Иницијативата конечно беше крунисана во 62. минута кога Москера го собори Квича Кварацхелија во шеснаесетникот. По ВАР-проверка беше досуден пенал, а Дембеле во 65. минута сигурно реализираше за израмнување на 1:1.
До крајот на регуларниот дел двете екипи имаа свои шанси. Кварацхелија ја погоди стативата во 71. минута, додека Витиња во самиот финиш беше на сантиметри од победнички погодок за ПСЖ. Без промена на резултатот, натпреварот замина во продолженија.
Во дополнителните 30 минути не беше постигнат гол. Арсенал бараше пенал по дуелот врз Нони Мадуеке во 102. минута, но судијата остана на својата одлука и не покажа на белата точка.
Откако ниту продолженијата не донесоа победник, шампионот беше решен по изведување пенали. Во драматичната серија повеќе присебност покажаа фудбалерите на ПСЖ, кои ги реализираа клучните удари и стигнаа до нова европска титула.
За Арсенал ова е втор пораз во финале на Лигата на шампионите, по неуспехот против Барселона пред две децении, додека ПСЖ уште еднаш потврди дека моментално е најсилниот клуб во Европа.
