СИЛНА ПОРАКА НА МИЦКОСКИ ДО МАКЕДОНЦИТЕ ВО СРБИЈА Никогаш не заборавајте кои сте
На одбележувањето на 80 години од доселувањето на Македонците во Војводина, премиерот порача дека јазикот, културата и традицијата се темелите на националниот идентитет.

Премиерот Христијан Мицкоски од свечената академија „80 години од доселувањето на Македонците во Војводина“, што се одржа во Нови Сад, порача дека народот кој ги чува своите корени, јазик и култура секогаш има иднина.
„Народот кој ги чува своите корени никогаш не се губи, народот кој го чува својот јазик никогаш не останува без дом, а народот кој ја чува својата култура секогаш ќе има иднина“, истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека идентитетот не се зачувува сам по себе, туку бара постојана посветеност и труд од генерации луѓе.
„Јазикот не преживува сам по себе, ниту традицијата се пренесува без љубов и посветеност. За да се сочува едно име низ осум децении потребни се родители кои дома го зборуваат мајчиниот јазик, учители, културни работници, духовници и сите оние кои разбираат дека народ без култура е народ без меморија“, рече премиерот.
Осврнувајќи се на македонската заедница во Србија, Мицкоски оцени дека нејзината приказна е доказ дека може да се создаде нов дом без да се заборават сопствените корени и идентитет.
Според него, способноста да се биде лојален граѓанин на државата во која се живее, а истовремено да се зачува националниот и културниот идентитет, претставува вредност која може да биде пример и за Европа.
Мицкоски порача дека Македонија и Србија не ги поврзуваат само политичките односи, туку и заедничките културни, духовни и историски врски.
„Балканот не напредува кога народите се оттурнуваат едни од други, туку кога градат доверба, заемна почит и искрено партнерство“, нагласи тој.
Во контекст на актуелните глобални предизвици и тензии, премиерот повика на градење мостови наместо ѕидови и на негување на пријателството меѓу народите.
Посебна порака упати до младите Македонци во Србија, повикувајќи ги да бидат успешни и современи, но да не ги забораваат своите корени.
„Не дозволувајте модерноста да ви ја одземе меморијата и брзината на времето да ви го избрише чувството на припадност. Освојувајте универзитети, компании и институции, но никогаш не заборавајте кој јазик ве научил на првиот збор и кои приказни ви ги раскажувале вашите баби и дедовци“, порача Мицкоски.
Тој оцени дека Војводина и Нови Сад претставуваат пример за средина во која различностите се богатство, а не пречка за заеднички живот, нагласувајќи дека Македонците имаат свое заслужено и достоинствено место во тој мултикултурен мозаик.
На свечената академија се обратија и српскиот премиер Ѓуро Мацут, претседателката на Владата на Војводина Маја Гојковиќ и претседателката на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија Зорица Митровиќ.
