СО ДВЕ МЕЃУНАРОДНИ ПРЕТСТАВИ ВЕЧЕРВА ЗАВРШУВА 51. МОТ „Мојот маж“ и „Ана – непоправливата“ на сцените на МКЦ
Фестивалот ќе го затвори „Ана – непоправливата“, во режија на Надја Панчева, во продукција на бугарските „Арт центар Оренда“ и „Топлоцентрала“.

Со две претстави од меѓународната програма, вечерва (24 ноември), завршува 51. издание на Меѓународниот театарски фестивал МОТ, кој повеќе од пет децении е важен дел од културниот живот на Скопје.
Во 20 часот, во салата „Фросина“ во МКЦ, ќе биде изведена претставата „Мојот маж“ во режија на Марија Манганари, во продукција на грчкиот театарски колектив „Процес“. Инспирирана е од истоимената збирка раскази на Румена Бужаровска и ги обработува женските искуства, семејните односи и родовите улоги во современото општество.
Фестивалот ќе го затвори „Ана – непоправливата“, во режија на Надја Панчева, во продукција на бугарските „Арт центар Оренда“ и „Топлоцентрала“. Претставата започнува во 22 часот во салата „25 Мај“ и е посветена на руската новинарка и активистка Ана Политковскаја, отворајќи теми за слободата на говорот, политичката моќ и борбата против неправдата.
И покрај финансиските, организациските и продукциските предизвици, МОТ и годинава ја реализираше меѓународната програма, продолжувајќи ја традицијата на фестивалот кој повеќе од 50 години без прекин ја поврзува домашната и меѓународната театарска сцена.

