СКРИЕНА КРИЗА ВО ПЕРСИСКИОТ ЗАЛИВ – Што после војната, вистината што не ја гледате во вестите

Четири чекори до бавно враќање на нормалниот сообраќај.

СКРИЕНА КРИЗА ВО ПЕРСИСКИОТ ЗАЛИВ – Што после војната,  вистината што не ја гледате во вестите
Фото: Принтскрин

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека мирот со Иран е на дофат и дека Хормутскиот теснец наскоро повторно ќе биде отворен. Сепак, по повеќемесечни лажни сигнали и неуспешни најави за договор, пазарите реагираат со зголемена претпазливост и засега ги игнорираат ваквите изјави, чекајќи конкретни чекори од Техеран и Вашингтон.

Иран, и покрај својата воена инфериорност, во текот на конфликтот го користеше затворањето на теснецот како клучен притисочен адут. Со мали брзи чамци, мини и беспилотни летала, успеа да го наруши поморскиот сообраќај, блокирајќи значаен дел од глобалните испораки на нафта,  околу една петтина од светските потреби.

Доколку навистина дојде до крај на војната и повторно отворање на теснецот, аналитичарите предупредуваат дека нормализацијата нема да биде брза. Според CNN, враќањето на цените и снабдувањето на предвоено ниво би можело да потрае со месеци, па дури и подолго.

Можни се четити чекори до нормализација.

Првиот предизвик ќе биде расчистување на сообраќајниот метеж во теснецот. Стотици танкери со милиони барели нафта би морале прво да го поминат преминот, пред празните бродови повторно да влезат и да започнат со редовен циклус на испораки. Овој процес може да трае до три месеци.

Вториот чекор е намалување на високите залихи на нафта во складиштата, кои се акумулирале за време на блокадата поради ограничени можности за транспорт и рафинирање.

Трето, потребно е постепено рестартирање на производството во нафтените полиња на Блискиот Исток. Овој процес е технички сложен и бара внимателно управување со притисокот во бунарите, што значи дека враќањето на полн капацитет ќе биде бавно и координирано.

Четвртиот и најдолгорочен чекор се поправките на инфраструктурата. Дел од рафинериите и постројките беа оштетени за време на конфликтот, а нивната целосна обнова може да трае со години.

Иако се зборува за крај на конфликтот, остануваат сериозни сомнежи за стабилноста на договорот. Во изминатите месеци неколку пати беа објавувани најави за мир кои брзо пропаѓаа, што дополнително ја зголеми нестабилноста на пазарите.

Клучните прашања сè уште се отворени: дали Иран ќе се откаже од контролата врз теснецот, дали ќе престане да наплаќа транзит и дали ќе бидат укинати санкциите за иранската нафта. Дополнително, поморските компании и осигурителите остануваат внимателни поради високите ризици и нестабилните услови за пловидба.

И покрај обидите за стабилизација, цената на суровата нафта останува висока. Брент нафтата се движи околу 100 долари за барел, а аналитичарите очекуваат дека значително намалување нема да се случи наскоро.

Според проценките на JP Morgan, стабилизација на пазарот би можела да се очекува дури по отворањето на теснецот и постепено враќање на производството, но цените веројатно ќе останат високи во текот на годината.

Иако постои можност за постепено намалување на цените со текот на времето, аналитичарите предупредуваат дека целата ситуација зависи од многу неизвесни фактори.

Како што наведува и иранската агенција Фарс, повторното отворање на теснецот не значи автоматски враќање на целосна слобода на пловидба, што остава простор за нови тензии и неизвесност на глобалниот енергетски пазар.

И ФОН ДЕР ЛАЈЕН НАЈАВУВА МИРОВЕН ДОГОВОР Трамп веќе објави генерален договор со Иран, светот на чекор до мир

CATEGORIES
Share This